Кирил Лазаров останува селектор до 2029!

Фото: РФМ 

Кирил Лазаров ќе ја води македонската репрезентација најмалку и во следните три години. Најдобриот македонски ракометар на селекторската позиција дојде во 2022 и оттогаш се зафати со најкомплицираната работа, да ја изврши неизбежната промена на генерации и патем да создаде квалитетна репрезентативна база.
Комбинирајќи ги функциите селектор и тренер на клупски план, успеа да внесе нови ракометари во репрезентацијата, нивниот напредок се гледа и клупски и репрезентативно, а притоа не беше нарушен континуитетот на настапи на големите натпреварувања.
Македонија во моментов поголема база на играчи отколку што имаше во 2022, а на претстојното Европско првенство ќе има и уште тројца дебитанти на ЕП.

Ракометната федерација на Македонија ја известува јавноста дека со заедничка визија, доверба и јасна стратегија за развој на македонскиот ракомет, продолжува соработката со селекторот на машката сениорска репрезентација, Кирил Лазаров.

„Официјално ја продолживме соработката со селекторот на нашата машка сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, со договор до 2029 година.

„Веруваме дека континуитетот и стабилноста се клучни за напредокот на националниот тим и македонскиот ракомет во целина. Се надеваме на успешна и плодна соработка во наредниот период, во кој со заеднички труд, посветеност и јасна визија ќе продолжиме да остваруваме добри резултати и да го развиваме нашиот спорт“, изјави претседателот на РФМ, Александар Стефанов

„На заедничко задоволство ја продолживме соработката со Ракометната федерација на Македонија. Водењето на национален тим, поготово на својата земја, е голема чест и одговорност. Благодарен сум за укажаната доверба и поддршка.
Пред нас е период исполнет со сериозна работа, јасни цели и високи очекувања. Со заеднички труд, дисциплина и целосна посветеност ќе продолжиме да работиме на напредокот на националниот тим и достоинствено претставување на Македонија, со фокус на стабилност и резултати на долг рок“, изјави селекторот Кирил Лазаров.
 

Поврзани вести