Македонија денеска против Бахреин

Репрезентацијата на Македонија денеска ќе го одигра првиот контролен меч во 2026, а противник на нашиот најдобар состав ќе биде репрезентацијата на Бахреин.
Овој натпревар ќе се игра како дел од турнирот „Yellow Cup“ што традиционално се одржува во Швајцарија.
Овој турнир е еден од квартетот турнири што имаат 50+ изданија, заедно со турнирот во Струга, турнирот во Добој и Трофеј Карпати.

Овогодинешниот е 52 по ред турнир што почна во 1972 година како клупски, а потоа продолжи во организација на Ракометната федерација на Швајцарија како турнир на кој настапуваат рперезентации.

Четири тима, три од нив учесници на ЕП 2026, тоа се репрезентациите на Македонија, Швајцарија и Украина и нашиот прв противник, тимот на Бахреин кој се подготвува за Азискиот шампионат што исто така ќе се игра во јануари во Кувајт и е квалификациски за СП Германија 2027.


РАСПОРЕД НА ТУРНИРОТ

Четврток, 8 јануари
18:00 Швајцарија – Украина
20:30 Македонија – Бахреин

Петок, 9 јануари
17:45 Македонија – Украина
20:15 Швајцарија – Бахреин

Сабота, 10 јануари
15:30 Бахреин – Украина
18:00 Македонија – Швајцарија

Фото: РФМ

Репрезентацијата на Бахреин во Шафхаузен е дојдена со својот најсилен состав. Тие одиграа два тренинг натпревари со Португалија како загревање за турнирот. Предводени се од шведскиот селектор Роберт Хедин (поранешен селектор на Норвешка, САД, тренер на Мелзунген, Алборг...). Тој дојде на кормилото на Бахреин во мај минатата година, откако претходно без посакуван успех нивниот тим го водеа селектори од Исланд (Арон Кристијансон и Халдор Сигфусон).
Учествуваа на СП 2025 во Хрватска, завршија на 29 место, а десетина ракометари од тој состав се и сега во Швајцарија.

Натпреварот меѓу репрезентациите на Македонија и Бахреин ќе се игра со почеток од 20:30 часот, засега не е потврдено дека ќе има ТВ пренос.










 

Поврзани вести