Photo: Felix Walter
МАКЕДОНИЈА – УКРАИНА 31-26 (13-17)
Во второто коло од Yellow Cup, традиционалниот турнир што се одржува во Швајцарија, репрезентацијата на Македонија се сретна со тимот на Украина.
По првото коло во кое Македонија го совлада Бахреин, а Украина со 11 гола разлика беше поразена од Швајцарија, се наметна очекување дека Македонија лесно би требало да излезе на крај со украинскиот тим.
Македонија го оствари очекуваото. Запиша втора победа на турнирот, но не беше лесно, далеку од тоа.
Игор Турченко, син на поранешен ракометар на Младост Богданци постигна три од првите пет гола за Украина, а тие го диктираа резултатот (5-3). Македонија се истакна во својата способност да промашува зицери и неверојатни ситуации еден на еден и набрзо таквата реализација нѐ одведе до минус од четири гола (5-9).
Кирил Лазаров потоа побара тајм аут, ја смени формацијата на одбраната, со ротацијата го консолидираше нападот, иако лек за гол од ситуација еден на еден – не можеше да смисли. Голманот Генадиј Комок, исто како и Дино Славиќ на мечот со Хрватска пред десетина дена, се прослави во дуелите со македонските голгетери.
Но и со многу промашувања на чисти ситуации, Македонија чекор по чекор успеа да стигне до израмнување (10-10). Одбраната фунционираше добро, Томовски бранеше добро, транзицијата беше добра.
По 10-10, од летаргијата се тргна и Украина и веднаш искористи свои шанси. Овој пат не беа зицери, туку две недоразбирања во нападот, по што видовме и два класични контранапади, а Украина за помалку од две минути ја врати предноста од четири гола (14-10).
До крајот на првото полувреме, се играше гол за гол, но не успеавме да намалиме и на одмор се замина со резултат 17-13.
Старата ракометна мудрост вели дека ако не ти оди во напад, треба уште подобро да играш во одбрана.
Во второто полувреме Македонија беше поконкретна во одбраната, Иван Галевски застана на голот и одбрани неколку удари, а нашиот тим со серија од 5-1 за седум минути го сврте резултатот во своја полза. Во 44 минута, Серафимов од седмерец постигна гол за водство од 22-20, а во 51 минута Пешевски погоди за водство од 26-22.
Тоа беше периодот во кој Македонија играше како што треба да игра и резултатот не изостана. Украинската игра беше неутрализирана, се редеа нивни грешки, а единствено Турченко успеваше да погоди и да го одржува минусот.
Во 58 минута беше 30-24, потоа 31-25 и Македонија ја запиша втората победа.
Утре на ред е најтешкиот предизвик - домашната репрезентација на Швајцарија.
„Игравме против Македонија, тие имаат многу добар тим. Играат брзо, имаат многу добар тренер и ова беше големо искуство за нас“, изјави Игор Турченко по натпреварот.