Photo: Felix Walker
ШВАЈЦАРИЈА – МАКЕДОНИЈА 29-29
Репрезентациите на Македонија и на Швајцарија одиграа интересен и неизвесен натпревар што заврши без победник (29-29) во третото коло на турнирот Yellow Cup одржан во Швајцарија.
Ова беше практично финалето на турнирот, а пехарот заврши во рацете на домашниот тим поради вкупната гол разлика.
Двата тима имаат причина да бидат задоволни од делови од натпреварот и незадоволни од одредени делови. Овој меч се играше пред полни трибини, а барем 1/3 од публиката беа Македонци со препознатливата кореографија и тапани.
Швајцарија ја презема контролата од почетокот на натпреварот и поведе со 6-2, разлика која се одржа до 40 минута.
Македонија во неколку наврати ја напаѓаше таа негатива, стигнуваше до минус два гола, но во решавачките моменти не успеваше да направи пресврт. Ќе им се случеше трехничка грешка, голманска одбрана, брзо примен гол и сѐ нешто ќе излезеше што ќе ги спречеше да стигнат до поголема резултатска неизвесност.
Така беше до 40 минута од натпреварот, а последен пат Швајцарија водеше со четири гола разлика со гол што им беше подарок од судиите кои „влечеа“ кон домашниот тим, посебно со третманот на грубите стартови.
Но, при водството од 23-20, домашен играч шутираше во пречката, топката не ја мина гол линијата, но еден од судиите виде дека тоа е гол и им испрати подарок за 24-20.
Потоа на ред дојде Македонија. Кирил Лазаров може да биде задоволен со карактерот на тимот кој и вчера со Украина и денеска во Швајцарија демонстрираше трпеливост и не паничеше иако долго време беше во минус. Успеа да задржи концентрација и да ги дочека своите минути. И вечера и денеска.
Добра одбрана по подолго време на натпреварот, Томовски одличен, во нападот Марко Митев диригираше а опасност имаше од секоја позиција.
И водството на домашните се стопи, Македонија израмни на 26-26, а потоа и поведе со 27-26.
Швајцарија беше во нокдаун, играше на сила и без идеја, но македонските играчи, што не им е прв пат, не го препознаа моментот.
Македонија имаше напад за плус два на нешто повеќе од пет минути до крајот, тоа можеби беше најважниот напад, но заврши со неизнудена техничка грешка.
За комплетно враќање во живот на Швајцарија се погрижи голманот Портнер кој го одбрани следниот шут и место плус два за Македонија, за помалку од минута Швајцарија одново водеше и згора на тоа изнуди исклучување.
Во последниот напад, Марко Митев биеше по земја и го изненади Портнер за 29-29 и радост на македнските навивачи во Шафхаузен.