Македонија очекувано поразена од Данска



ДАНСКА – МАКЕДОНИЈА 36-24 (17-12)

Репрезентацијата на Данска ја оправда улогата на фаворит и запиша победа над македонската репрезентација во првото коло на Европското првенство.

Околу 15.000 дански навивачи направија трибините на Јуске Банк Боксен Арена во Хернинг да изгледаат импресивно за натпреварот со Македонија во првото коло од ЕХФ Еуро.

По два промашени напади на двете страни, Македонија прва поведе, но веднаш во следниот напад беше досуден пенал и исклучување, по што Данска израмни.
Веднаш потоа видовме напад 7 на 5 и прв гол на мега ѕвездата Матијас Гидсел. Во шестата минута беше 3-3, во седмата Данска веќе водеше 6-3. Демонстрираа брзина и воиграност достојна за светски и олимписки првак во тие моменти данските играчи.
Потоа и Емил Нилсен влезе во ритам, во нападот Гидсел и Питлик не грешеа, па во 10 минута беше 8-3.

Марко Митев со вториот гол намали на 4-8, но иако не одеше лесно против силната данска одбрана фати ритам и македонскиот тим и намали на 7-11 и 8-12, што беше актуелен резултат по 20 минути игра. Македонија намали и на 10-13, а патем им продаде и еден цепелин на Данците по што Јакобсен побара тајм аут.

Македонија беше во минус, но имајќи предвид против кого и каде игра, негативата беше поднослива. Штета што во последната минута не искористивме напад, па на полувреме се замина со резултат 17-12.
Серафимов со четири гола, Митев и Кузмановски со по два беа најефиксни во нашиот тим по првото полувреме, додека Мартин Томовски имаше четири одбрани.

Данска уфрли во поголема брзина во вториот дел. Симон Питлик ги решаваше експресно нападите и во 35 минута Данска водеше 22-14. 
Македонија на овој меч играше практично за гол разлика што може да биде клучна на крајот на групната фаза. Не влеговме во трка со данскиот состав, битно за нашиот тим беше да минува времето, а да не се зголеми разликата. 

Јакобсен од другата страна пак инсистираше на повеќе голови, па почна да игра и 7 на 6, што му донесе два брзи гола и водство од 24-15 во 40 минута. 
Во 44 минута прв пат на мечот разликата беше 10 гола. Македонија не се снајде во напад додека беше со играч помалку и прими гол на празна мрежа за 17-27. 
Веднаш постигнавме два гола и одново битката се водеше околу границата од 10 гола.

Славеничка беше атмосферата во салата во последните 10 минути во кои Данска влезе со водство од 31-20, но Македонија се бореше противникот да не влезе во голема серија понесен од амбиентот и до крај се бореше за што помала негатива. 
 

Поврзани вести