Репрезентацијата на Србија ја пропушти првата меч топка и шансата сама да се избори за пласман во Главната рунда.
По величенствената победа над Германија, денеска Србија беше поразена од Австрија (25-26) и пласманот во главната рунда сега ќе им зависи од резултатот меѓу Шпанија и Германија.
Ако победи Шпанија, тогаш Србија ќе игра во Главната рунда. Ако победи Германија или мечот заврши нерешено, тогаш Германија ќе продолжи во следната рунда.
Србија денеска не беше налик на натпреварот со Германија. Првиот дел беше борбен, но неатрактивен поточно здодевен особено во првите 20 минути (6-6). Потоа се раздвижија работите, но Австрија не им дозволи да направат предност.
Австрија имаше своја математика на оваа средба. Со победа од четири гола разлика тие ќе патуваа во Главната рунда. И не беа далеку, водеа 23-20 во финишот, а причината поради која ќе ги пакуваат куферите се вика Дејан Милосављев. Некогашниот голман на Вардар одбрани клучни шутеви, вклучително и пенал во последната минута со што Србија барем за момент ги одбрани шансите за играње во Главна рунда.
Но ја оживеа и „мртвата“ Германија, па вечерва во Хернинг ќе гледаме спектакл меѓу Шпанија и Германија.