Македонија е пред третиот и следствено најважниот натпревар на првенството. Влогот се зголеми по освоениот бод со Португалија и сега евентуална победа над Романија не само што ќе ги држи во живот шансите за Главната рунда, туку обезбедува место во Топ 16 или прв шешир во финалниот бараж за пласман на ЕП 2027.
Романија на хартија најслабиот противник во групата, но во реалност далеку од слаб противник. Впрочем лекцијата на Србија од мечот со Австрија нека биде поука.
„Сигурно ќе бидеме фаворити на овој натпревар, но не потценувам ниту една селекција што се пласирала на Европско првенство, а уште помалку Романија бидејќи го познавам нивниот селектор, ми беше соиграч во Констанца и знам дека ќе направи се за да дојде до поволен резултат на овој натпревар“, ни изјави Никола Митревски.