Тинекс Пролет има нов тренер

Доне Мајнов ќе биде предводник на Тинекс Пролет на стартот од втората полусезона од Супер-лигата, откако ракометарот со најголем стаж во клубот реши да ја заврши играчката кариера.
Желба на сите во клубот беше Мајнов да остане дел од Тинекс Пролет, а по кратки разговори беше најден заеднички јазик, тој во наредниот период да седне на клупата и во клубот каде мина најдолго време како играч, сега да ја стартува и тренерската кариера.

Доне Мајнов го носеше дресот на Тинекс Пролет уште од 2012 година, беше дел и од екипата што го освои третото место во Супер-лигата (најдобар пласман од осамостојувањето на Македонија), како и од тимот што потоа на гостински терен славеше на еден од двата меча со славниот шпански клуб Гранолјерс.

Тој веќе ја одржа првата прозивка со екипата и ги води подготовките, заедно со уште еден ветеран што до неодамна го носеше дресот на Тинекс Пролет. Златко Даскаловски, познатиот македонски голман кој исто така реши зимава да ја заврши кариерата како играч.
Даскаловски ќе биде дел од стручниот штаб на Тинекс Пролет во вториот дел од сезонава, притоа и ќе работи со голманите во тимот.

Поврзани вести