Phоtо: IHF
ШПАНИЈА – ФРАНЦИЈА 36-32 (20-14)
Хернандез (14 одб), Баруфет 10, Гури 5 – Мин 7, Деска 5
Дуелите меѓу Шпанија и Франција отсекогаш биле посебни на ракометната сцена, а и вечерашниот во Хернинг не беше исклучок и покрај тоа што за Франција значеше отворена врата за полуфинале, а за Шпанија не значеше речиси ништо.
Се чини дека притисокот беше најголемиот проблем за оваа значително подмладена репрезентацијата на Шпанија, особено за крилото Јан Баруфет. Штом ги снема шансите за 1/2 финале, а со нив и притисокот, Шпанија изгледаше како сосема поинаква репрезентација, а Баруфет постигна 10 гола и беше МВП на мечот.
Франција, пак, од друга страна го помножи со нула впечатокот по доминацијата над Португалија во минатото коло.
На оваа средба изгледаа изгубено, а особено тоа се однесува за нивната најголема ѕвезда – Дика Мем. Исто како и на мечот што Французите го загубија од Данска, Дика Мем едвај го приметивме на теренот. Омерик Мин играше вон своите можности и единствен ја разбиваше комфорната зона, но Шпанија вечерва покрај Баруфет го имаше и извонредниот Сергеј Хернандез кој со 14 одбрани од кои добар дел беа зицери во важни моменти го одведе тимот до победа.
Првото полувреме и брканицата низ теренот значително беа на страната на Шпанците кои на одмор заминаа со плус шест гола (20-14). Во вториот дел, Дебоне го замени Болсанже на голот и оттука тргна мисијата за пресврт.
Се бореа Французите, се растрчаа низ теренот, од минус пет (20-25) стигнаа и до минус еден (25-26), но за многу кратко време прокоцкаа уште еднаш сѐ и Шпанија одново беше во голем плус (29-25), а потоа умешно ја одработија задачата и запишаа сигурен триумф.
Во пресрет на мечот Германија – Данска, табелата во групата 1 изгледа вака:
ТАБЕЛА
1. Данска (4), 2. Германија (4), 3. Франција (4), 4. Португалија (3), 5. Норвешка (3), 6. Шпанија (2).