Европската ракометна федерација направи сериозен превид во планирањето на натпреварите на Европското првенство, а тој превид денеска кулминираше на пред конференцијата што на Хрватска на која нивниот селектор Дагур Сигурдсон ги изнесе пред јавноста своите аргументи за лошото планирање на турнирот.
„ЕХФ не мисли на играчите. Се претвори во фаст фуд компанија за забавни настани. Не се грижат за квалитетот, само продаваат. А ние сме артистите што прават добро шоу. Во Малме имавме два натпревари за 22 часа, утрото не спакуваа во автобус како смрзнати кокошки, потоа морам да одам на прес конференција и потоа да се вратам назад во хотелот да видам како ми се играчите. Ова е скандалозно, шокантно, ќе бидам среќен кога ќе си одам одовде. Само кажете ми кога можам да си одам“, изјави Сигурдсон.
Натпреварите што се играа во Шведска стартуваа два дена подоцна од натпреварите во Хернинг, а тоа на крајот доведе до ситуација последните две кола да се играат ден за ден и веднаш потоа екипите да бидат трансферирани во Данска, во Хернинг (Хрватска згора на тоа е сместена во Силкеборг).
Интересен податок, но истиве држави лани под покровителство на Светската ракометна федерација (ИХФ) организираа покомплицирано првенство затоа што едно полуфинале се играше во Хрватска, друго во Норвешка. Но, ИХФ се покажа многу подобро организиран и со повеќе осет и за играчи и за организација. Добро имаа испланирано сѐ, го поместија назад за еден ден хрватското полуфинале, па така сите екипи имаа доволно одмор.
ЕХФ ги зби на крајот на турнирот сите активности, вклучително и прес конференциите што не се одржуваа во текот на турнирот, туку само пред полуфиналето. Екипите што играа во Шведска се во подредена улога во однос на тие што играа во Данска затоа што немаа ден одмор. Односно имаа, ама тука беше сместено и патувањето од Малме до Хернинг, па прес конференција итн.
Поврзани вести