Photo: IHF
ПОЛУФИНАЛЕ НА ЕП 2026
ГЕРМАНИЈА – ХРВАТСКА 31-28 (17-15)
Цербе 6, Усчинс 4 – Лучин 6, Кларица 5, Мартиновиќ 5
Германија е во големото финале и во недела ќе се бори за златниот медал со победникот од вечерашниот дуел меѓу Данска и Исланд.
Десет минути врвна одбрана им беа доволни денеска на Германците за обезбедат капитална предност над репрезентацијата на Хрватска и потоа рутински да го приведат натпреварот до крајот. Хрватска во недела ќе игра во мечот за трето место.
Имаа тежок распоред репрезентативците на Хрватска и малку време за одмор, но тоа не може да биде алиби за денешниот пораз. Од друга страна, Германија имаше далеку потешки ривали на теренот во Хернинг отколку што на пример Хрватите имаа во Малме.
Ова Европско првенство не беше добро балансирано, знаеме што значат во ракометот Данска, Франција, Шпанија и што значат Швајцарија, Унгарија, Словенија.
Денешниот меч беше уште една потврда за разликата во квалитетот меѓу репрезентациите што играа во Данска и тие во Шведска. Хрватска се обиде во првиот дел со игра седум на шест да го извади од ритам германскиот тим. Не им одеше лошо против можеби најдобрата одбрана на ЕП. Гол за гол во која во финишот малку поспретни беа Германците и на одмор заминаа со плус два.
Лекција за играње одбрана демонстрираа Германците на почетокот на вториот дел. Десетина минути играа врвна дефанзива и тоа им донесе серија од 5-0 со која поведоа 22-16. Малку подоцна напаѓаа и за плус осум, а потоа го смирија ритамот и практично ја бранеа разликата. Тоа не им беше проблем, го имаа и расположен Андреас Волф на голот, а Хрватска се обиде со зона 5-1 во која предниот играч ги бркаше Германците дури до средината на теренот. Имаше повеќе позитивни од негативни страна оваа одбрана и Хрватска во еден момент намали и на два гола разлика (28-30). Немаше ни време ниту пак збор за пресврт или шанса за пресврт. Имаа плус два и посед на топа во последната минути и беа безбедни Германците.