Photo: IHF
ПОЛУФИНАЛЕ НА ЕП 2026:
ДАНСКА - ИСЛАНД 31-28 (14-13)
Гидсел 7, Хансен 6 – Смарасон 9, Торкелсон 6
Данска се пласираше во финалето на Европското првенство откако вечерва домаќинот на шампионатот славеше тесна и тешка победа над репрезентацијата на Исланд од 31-28.
Данците беа фаворити во пресрет на мечот, но со многу мака ја оправдаа таа улога. Звучи неверојатно, но на Исланд му одговара стилот на игра на Данска. Му одговара повеќе отколку да игра со репрезентации што негуваат пофајтерска игра во одбрана. Вака бевме сведоци на едночасовен атак еден на еден во кој брзите индивидуалци Гисли, Магнусон и Смарасон ги напаѓаа побавните Симон Хелд и Магнус Саугструп и оттука почнуваше расплетот на нивниот напад. Дуели, фаули, пенали, многу пенали. Дури 11 пати Исланд шутираше пенал, а 8 пати Данска. Тоа се многу прекинати напади кои заедно со регуларните фаули, судиските вар моменти придонесоа мечот да не биде течен. Тоа, нормално повеќе му одговараше на Исланд.
На спротивната страна, Исланд играше подвижна одбрана со многу дуели и фаули. Добар дел од тие фаули, пак, не беа чисти ракометни, туку завршуваа во лице, врат итн.
Исланд искористи две врзани исклучувања на стартот на мечот и поведе со 6-3, со што му даде поинаков тек и тон на натпреварот.
Долго време Данска беше во минус, но конечно пред крајот на полувремето успеа да направи мини пресврт и на одмор да замине со гол предност.
И во продолжението Исланд беше рамноправен некаде до 45 минута, кога Данска прв пат стигна до плус три (23-20). Потоа беше плус три-плус четири до крајот на натпреварот.
Во недела, Данска ќе игра против Германија за златен медал, а Исланд против Хрватска за бронза.