Најважниот ден: Против кого ќе игра Македонија за пласман на СП 2027


Македонија на ЕП 2026 замина со (не)скриена резулатска желба да заврши во Топ 16 што носи привилегија во ждрепката за квалификациите за СП 2027 да биде во првиот шешир и да ги избегне другите најдобри 15 репрезентации од тековното ЕП.
Иако беше во улога на голем аутсајдер со оглед на тоа дека бевме во група со две Топ 5 репрезентации, Македонија ја исполни целта и денеска ќе добие противник од вториот шешир во баражот за СП.
Ждрепката ќе биде дел од завршната прес конференција на ЕП 2026 што почнува во 14:30 часот и ќе биде во живо пренесувана на Youtube.

Десет можни противници има Македонија денеска. Од нив осум се парови што ќе играат уште еден бараж пред да стигнат до финалното сито. Другите две се Чешка и Италија, ова се двата тима што завршија на третото место во групата на ЕП, но завршија на 17 и 18 место, па отидоа во вториот шешир.
Посакувани и непосакувани има секогаш, лесни противници за репрезентација од рангот на Македонија – нема.
Но, има противници против кои ќе се чувствуваме покомотно отколку на пример ако за противник ја добиеме Србија. Тие за волја на вистината треба прво да ја елиминираат Литванија. Не велиме дека Србија има посилен тим, но доволно добро се знаеме меѓусебе за да си посакаме различен противник во денешната ждрепка.
Споменатите Чешка и Италија се следните на тој список. Со Чешка имаме играно неколкупати и доста ни е од нив, а Италија е една држава во брз ракометен развој со неколку играчи што играат во Германија и прават разлика. Нивните резултати особено во минатите квалификации, велат – подобро подалеку од нив.
Веднаш зад споменатото трио непосакувани репрезентации ја сместуваме Грузија која прво ќе игра со Израел. Одлично играа на ЕП и се работи за многу добар тим главно од интернационалци, а дел од тие интернационалци ги гледа(в)ме и во Македонија.
Што да се каже да следните два? Полска (Летонија) и Црна Гора (Финска). На прв поглед, двата тима на ЕП беа во лош моментум, далеку од својот вистински потенцијал. Можат ли за два месеца да се прегруприраат, реконструираат и да се кренат? Тоа, никој во овој момент не може да го каже.

Романија (Турција) веќе ја видовме, можеме и подобро против нив од минимална победа, иако ќе сметаме на тоа дека нив ќе им се врати најдобриот играч (Демис Григорас) кој поради повреда не беше на ова ЕП.
БиХ (Косово), Грција (Белгија) се потенцијални противници што ги посакуваме во бараж.

Подвлечено од наш агол, три екипи се во непосакуваниот дел, две се посакувани, со другите пет ќе сметаме дека можело и подобро и полошо.

Но, ако погледнеме кои екипи се во првиот шешир, тогаш можеме да го оцениме настапот на Македонија на ЕП како успешно реализирана мисија.

ЕВРОПА БАРАЖ
1 ШЕШИР:
Франција, Словенија, Норвешка, Шпанија, Унгарија, Швајцарија, Ф. Острови, Македонија, Холандија, Австрија

2. ШЕШИР:
Италија, Чешка, Србија/Литванија, БиХ/Косово, Финска/Ц. Гора, Грузија/Израел, Грција/Белгија, Турција/Романија, Украина/Словачка, Полска/Летонија





СП 2027
Вкупно учесници: 32
Директно пласирани: Германија (домаќин), Данска (Светски првак)
Азија: Бахреин, Катар, Кувајт, Јапонија (1-4 место на Азискиот шампионат)
Јужна Америка: Аргентина, Бразил, Чиле, Уругвај (1-4 место на Јужноамерикански шампионат)
Африка: Египет, Капе Верде, Алжир, Тунис, Ангола (1-5 место на Африкански шампионат)
Европа: Хрватска, Исланд, Португалија, Шведска (3-6 место на ЕП) +10 победници во вториот бараж
Северна Америка и Кариби: Првак на шампионатот (мај 2026)
ИХФ: Вајлд карти х2

Поврзани вести