Ден по ЕП 2026: Организациски шамар и погодок

По 65 натпревари спакувани во 16 денови во две главни и две сали само за воведниот дел, беше спуштена завесата на 17 Европско првенство.
Нов шампион е Данска, во тоа малку кој се сомневаше и пред првенството, зад нив новата генерација на Германија. И тоа не е изненадување, реално овие два тима и две држави се ракометната локомотива во светот.

Бронзата заврши на градите на Хрватска. Без разлика што ракометно ги чувствуваме блиски и делиме повеќе заеднички работи, наш став за Хрватска е дека до медал стигна најмногу благодарение на тоа што играше во делот на ЕП што се играше во Шведска, во послабата конкуренција со десеткуваната Словенија, Швајцарија, Унгарија. Па и таму немаше да стигне далеку доколку Швеѓаните беа фокусирани и играа на нивото што од нив се очекуваше. Да требаше да играат во конкуренција Данска, Германија, Франција, Шпанија, веруваме дека немаше вака добро да поминат. Но, бронзата си е нивна и целосно е заслужена.
Истото важи и за Исланд. Голема е трансформацијата во овој тим, максимално ги користат адаптираните правила, но наш впечаток е дека им недостасуваат малку маса и мускули во тимот за можеби да играат друга улога.

Организациски, ЕП сигурно беше полн погодок, барем за Данците и ЕХФ. Петнаесет дена, 10 до 15.000 најмногу дански и германски фанови, главно повозрасни луѓе, полно работно време беа „затворени“ во Јуске Банк Боксен во Хернинг. Таму на располагање имаа величествена фан зона сместена во две огромни саемски сали со безброј занимации и места каде што можат да ги трошат своите круни и евра. Дресови со цена од 50 до 150 евра се печатеа како на лента, пива со цена од 7 евра па нагоре се точеа со буриња, а „стрит фуд фестивалот“ беше уште еден полн погодок.
Хернинг беше добар за органзаторот, но не толку добар и за учесниците. Градот е многу мал, ниту од далеку нема доволно сместувачки капацитет за ваков настан. Парадокс е дека ниту репрезентациите не можеа да бидат сместени во градот домаќин на две групи.

Па така репрезентации беа сместувани во 35 минути возење оддалечниот Силкеборг, а фановите...кој како се снајде, од Архус, Алборг, Силкеборг и целата таа околина со дневна рута од 40-80 километри во еден правец.

ЕП беше од друга страна шамар за ЕХФ и нивната економска и маркетиншка политика со која претераа и ја претворија во лакомост.
„Се однесуваат како фаст фуд компанија која не се грижи за квалитетот туку само продава. А ние сме артистите што треба да направат добро шоу“, изјави револтираниот селектор на Хрватска, Дагур Сигурдсон. Поддршка (главно скриена) доби од сите страни. Ова беше прв пат некој вака  да им брцне во око на ЕХФ и тие се најдоа  во ситуација да мораат да се бранат. По краткото и неубедливо прво соопштение, веќе следниот ден објавија дека некои работи за следните ЕП ќе бидат поинаку организирани.
„Доцните 20 години со оваа одлука“, беше коментарот на селекторот на Исланд, Снори Гудјонсен даден за исландските медиуми.

На Хрватска и Исланд, по пет одиграни натпревари им следеа нови два натпревари за два дена, веднаш потоа патување со автобус од пет часа во ден предвиден за одмор и задолжителна прес конференција (прес конференции на ЕП немаше се до полуфиналето) и следниот ден меч – полуфинале.
Ваквиот распоред покажува до каде забега ЕХФ во (не)грижата за здравјето на спортистите и генерално за целиот перфоманс и вложен труд на учесниците.
Ако не се побунеше Сигурдсон, којзнае дали нешто ќе се променеше.
Тоа што и кон медиумите се однесуваат како ривали и конкуренција место како сервис е друга приказна.

Генерално имаме впечаток дека ЕХФ се однесува како да го поседува ракометот и го води како компанија. Каков тип на компанија, за тоа имаше своја квалификација Дагур Сигурдсон. 

За крај мора да ги споменеме и најлошите од најлошите - судиите. Не велиме дека порано било подобро судењето, но сега технологијата ги лови и ги претставува на јавноста нивните грешки и потфрлувања, па сите можат да ги видат нивните квалитети.