ГРК Охрид нишани 1/4 финале во ЕХФ Куп

Фото: ГРК Охрид

Екипата на ГРК Охрид утре ќе го одигра првиот 1/8 финален натпревар од ЕХФ Европскиот Куп во кој противник ќе му биде тимот на Дукла Прага од Чешка.

Натпреварот меѓу македонскиот и чешкиот тим ќе почне во 18:00 часот, а ќе го суди двојка од Косово.
Противниците од коло во коло стануваат посилни, но сѐ уште не е дојдена фазата во која некоја од ривалските екипи може сериозно да го предизвика ГРК Охрид. Особено што македонскиот тим сѐ уште ја има привилегијата во ждрепката да биде во привилигираниот дел.
Чешкиот армиски клуб, Дукла Прага, е посериозен противник од екипите на Слога Добој и азербејџанскиот Баки, но судејќи според играчкиот ростер и досегашните резултати, очекуваме пласман на ГРК Охрид во 1/4 финалето и тоа веројатно со две победи. Ако се оди според очекувањата, македонскиот тим дилемите би требало да ги реши утре на домашен терен.

„Дукла е сериозна екипа што се бори за титула во чешкото првенство. Нема да ни биде лесно, но ние се надеваме дека со добра игра би можеле да стигнеме до добра разлика и растоварени да одиме на реваншот во Прага. Секако дека нашата цел ќе биде да победиме и на двата натпревари и така се однесуваме и поставуваме тактика. Но, ќе потенцирам дека нема да биде лесно ниту дома, ниту пак таму“, изјави крилниот играч на ГРК Охрид, Дарко Ѓукиќ.

ГРК Охрид во пролетниот дел од сезоната ќе настапи освежен со тројца нови ракометари. Ален Ќосевски ќе ја пополни крилната позиција, а играчи што треба да направат разлика се бекот Вуко Борозан и пивотот Џанфранко Прибетиќ кои стигнаа од Вардар односно бундеслигашот Штутгарт.




 

Поврзани вести