Против Загреб, Алборг или Фуксе Берлин во полуфиналето? Кадетскиот тим на Еурофарм Пелистер во вторник ќе дознае против која екипа ќе се бори за влез во финалето на Младинскиот Клупски Трофеј 2026. (Во ЕХФ терминот младински соодветствува со кадетски во македонскиот систем на натпреварување).
Младите битолчани втор пат ќе ја претставуваат Македонија на ова ново натпреварување на ЕХФ кое има цел да ги разбуди клупската сцена во помладите категории.
Ланскиот прв турнир, Виена го прогласи за успех, иако ветеното играње во Ланксес Арена на Ф4 турнирот во последен момент им беше ускратено на сите учесници, па само финалето се играше како предигра на Ф4 на Лигата на шампионите, додека другите натпревари се играа во сала триесетина километри оддалечена од ракометниот епицентар во Келн.
Но, целиот настан беше позитивен, идејата беше општо прифатена, па годинава ќе се одржи и женски турнир, а Главниот турнир ќе се игра во Будимпешта.
Минатата година Еурофарм Пелистер се пласираше на Ф4 турнирот, годинава ќе има две нови препреки пред нов „Пат за Келн“.
Формирани се четири групи со по четири екипи. Битолчани се во група со екипите на Загреб, Алборг и Фуксе Берлин, а турнирот ќе се игра на 30/31 март во хрватскиот град Пореч. Турнирот ќе се игра по Ф4 систем, победниците од полуфиналето ќе играат финален меч за пласман на Главниот турнир.
Полуфиналните парови ќе бидат одредени со ждрепка што ќе се одржи во вторник (24 февруари) со почеток од 11:30 часот и ќе биде директно пренесувана на Јутјуб каналот на ЕХФ.
ЕХФ МЛАДИНСКИ КЛУПСКИ ТРОФЕЈ
28/29.3.2026 ТУРНИР 1 (Букурешт, Романија)
Нант (Фра), ГОГ (Дан), Спортинг (Пор), Динамо Букурешт (Ром)
30/31.3.2026 ТУРНИР 2 (Пореч, Хрватска)
Загреб (Хрв), Еурофарм Пелистер (Македонија), Фуксе Берлин (Гер), Алборг (Дан)
31.3/1.4.2026 ТУРНИР 3 (Сегед, Унгарија)
Пик Сегед (Унг), Колстад (Нор), Барса (Шпа), Висла Плоцк (Пол)
2/3.4.2026 ТУРНИР 4 (Веспрем, Унгарија)
Веспрем (Унг), ПСЖ (Фра), Магдебург (Гер), Келце (Пол)