-
05.3.2026
-
Планета ракомет, Коментар
Ракомет на Зимски Олимписки игри? Веројатно сте слушнале досега за таа идеја, одвреме навреме ќе се појавеше низ медиумите и ќе беше заборавена следниот ден. Но, според пишувањето на влијателниот олимписки новинар Данкан Мекеј, новинар со повеќе од 30 годишно искуство во известување од олимписките вести, фазата „идеја“ веќе е надмината и ИОК сериозно размислува да им даде „шанса“ на селектирани спортови да се преселат од летната во зимската Олимпијада. Меѓу нив, одбојката и ракометот.
Процесот се развива брзо и ако ова навистина се случи, тогаш веќе во 2034 на ЗОИ во Солт Лејк Сити би можело да се игра ракомет.
Противење има и од страна на спортовите што се традиционални за ЗОИ, сигурно ќе има и од селектираните спортови за преселба. Но, навестено е меѓу редови дека вториве можеби и нема да имаат алтернатива ако сакаат да останат олимписки спортови.
Според споменатиот новинар, ЗОИ ќе се трансформираат. Расте поддршката за тоа неодамна завршените игри во Милано да бидат последните во кои биле вклучени само традиционалните зимски спортови на снег и мраз. Понатаму, се вели дека најверојатно од списокот на спортови на ЗОИ би можело да го снема прескапото боб-санкање, а како компензација ќе бидат уфрлени спортови од летните ОИ.
Таргетираните спортови односно нивните Меѓународни федерации ќе добијат понуда за преселба и временска рамка во која ќе треба да ги адаптираат календарите. За ИХФ и ЕХФ кои своите главни настани ги имаат во јануари, ова може да значи и промена на двегодишниот циклус на одржување на СП и ЕП.
Како бенефиции се споменуваат потенцијално зголемена гледаност кога ќе ги нема во конкуренција другите попознати олимписки спортови и како пример е даден карлингот кој доживува „бум“ секои четири години. Се споменува дури и забрзано освојување на американскиот пазар кога спортот би имал ваква олимписка промоција. Друг бенефит би бил времето што играчите би го добиле преку лето за рекуперација доколку се смени двегодишниот циклус на ЕП/СП.
Заклучно се смета дека ова е шанса што ракометот не смее да ја пропушти. Но, треба и подетална аналаза на сето ова. Првенствено каков ќе биде импактот во ракометните земји што немаат интерес во Зимските Олимписки игри, какви што се на пример земјите од Африка, Блискиот исток, Јужна Америка?
Поврзани вести