БАРСА – Е. ПЕЛИСТЕР 47-27 (24-15)
Екипата на Еурофарм Пелистер со пораз од 20 гола од екипата на Барса го заврши настапот во Лигата на шампионите сезонава.
Конечниот резултат 47-27 е нов рекорд на постигнати голови во ЛШ, а и стариот беше сопственост на Барса која која пред две недели го совлада Загреб со 46-26.
Резултатот е неславен, но вечерва не беше ниту многу важен. Откако е Стевче Алушовски прв тренер, го немаме видено Еурофарм Пелистер да го игра „оној“ анти-ракомет. Можеше вечерва битолскиот тим да помине резултатски подобро ако се фокусираше на одбрана и се влечеше по терен, но реши да игра друга игра. Поразот и тогаш ќе беше пораз, само бројките ќе беа можеби малку поинакви.
Место тоа, истренираа добар напаѓачки меч пред дербито со Вардар 1961 во недела во Битола. Трчаа во два правца 60 минути, шанса добија сите ракометари да се видат преку пат со можеби најдобриот тим во светот и пројдоа така како што пројдоа. Нема по што да жалат, нивниот (нај)важен меч не е во „Блауграна“ туку во недела во „Боро Чурлевски“.
Барса, пак, демонстрираше уште еднаш каков професионален колектив е. Со водство од 20 гола разлика трчаа и Дика Мем и Домен Макуц како да е 0-0 и во 59 минута. Видовме многу ротации, убави потези и на двете страни, многу малку игра во одбрана и многу голови.
Резултатски нема некој посебен смисол да се резимира ваков меч. Генерално разликата почна да се зголемува по десетина минути игра, а темпото што го форсираа двата тима доведе мечот да има многу голови, на полувреме беше 24-15, конечниот е 47-27.
Адриан Сола со седум и Дика Мем со шест гола беа најефикасните играчи на Барса, додека во редовите на Е. Пелистер Манасков, Видомски, Ристевски, Кузмановски, Граховац и Петар Атанасијевиќ постигнаа по три гола.