Лазаревски: Ланската сезона за поука, нема предвремено славење

Со четири бода предност екипата на Вардар 1961 утре оди на гостување во Битола на дуел со актуелниот првак Е. Пелистер. Најуспешниот македонски колектив има условно кажано меч топка за шампионскиот пехар, но за таа меч топка треба да победи пред полни трибини во Битола. Потоа во следните четири дерби натпревари од кои три ќе ги игра на домашен терен, да победи барем двапати.
Своја математика во битката за одбрана на титулата, пак, има и екипата на Еурофарм Пелистер. Лани освоија пехар на меч во Скопје, годинава исто така одат по потешкиот пат, но нивните шанси не се избришани, особено ако утре победат. Тогаш се враќаат во игра, ќе имаат само два бода минус во однос на Вардар, а тоа им носи повеќе опции.
Математики има повеќе, утрешниот дерби меч, треба да реши дел од дилемите, но нема да го реши шампионатот. Таков став има и македонскиот репрезентативец од редовите на Вардар 1961, Милан Лазаревски.

„Земајќи го в предвид епилогот од минатата сезона, не сакам да говорам за титула сè додека не го освоиме и не го допрам со свои раце пехарот.
Сега поискусно, нема прерано да давам прогнози ниту пак да кажувам дека рано ќе ја завршиме задачата. Станува збор за исклучително квалитетни екипи. Алкалоид тешко го победивме, Охрид и Пелистер сериозно инвестираат и не се наивни.
Допрва ќе се игра плеј-офот. Ако го победиме Пелистер во Битола би било идеално. Но, ланската сезона ни беше лекција дека не треба да се прогнозира рано во шампионатот и тоа важи и за мене како индивидуалец, но и целиот колектив“, изјави Милан Лазаревски.


Натпреварот ќе се игра утре со почеток во 19:00 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола. Билетите својствено за битолскиот клуб експресно се продадоа.

 

Поврзани вести