Ракометната федерација на Македонија со соопштение ја информираше јавноста за одржаните состаноци и плановите за формирање на Регионална лига.
Претставници на ракометните федерации на Србија, Македонија и Црна Гора одржаа заеднички состанок на кој главна тема беше формирањето на регионални лиги во машка и женска конкуренција.
За време на состанокот беа разгледани различни модели на организација на натпреварувањето, вклучувајќи повеќе варијанти на лигашки систем, со цел унапредување на квалитетот на ракометот, зголемување на конкурентноста и зајакнување на регионалната соработка.
Сите учесници на состанокот изразија цврст и единствен став дека заедничките лиги треба да започнат веќе од септември оваа година, со висок степен на организација и професионални стандарди.
Конечната одлука за форматот на натпреварувањето ќе биде донесена на наредниот состанок, кој е планиран за април во Скопје, кога ќе бидат усогласени сите клучни детали и ќе се дефинира конечниот модел на лигите. На наведениот состанок ќе бидат поканети и претставници на клубовите, со цел активно да учествуваат во процесот на донесување одлуки.
Ракометните федерации продолжуваат со интензивна комуникација и соработка со цел реализација на овој значаен проект за развој на ракометот во регионот.
По сето ова, веруваме дека Регионалната лига ќе се формира. Тоа на крајот и не е толку тешко. Идејата е добра, расположение за таков проект има и зошто да не се формира.
Формирањето е лесно, одржливоста на Лигата е голем предизвик. Особено долгорочно. Ако тој проект не стане интересен за публиката тогаш... Потребен е сериозен медиа-маркетинг тим во сите три земји, ферплеј и сериозен пристап од сите клубови. Многу внимателно избран календар во кој треба да се има предвид дека би значел уште меѓусебни дерби дуели меѓу македонските екипи, треба да се формираат тела и комиии, да се координираат сите настани...
Генерално, овој проект изгледа како да е спремен да почне, но септември е блиску, а неодговорени прашања има многу.