Натпреварот меѓу Олимпијакос и ГРК Охрид ќе се игра во недела во Атина со почеток од 16:00 часот.
Сезоната го зема последниот залет за пребукираниот финиш во кој ќе се преплетат настапите во европските купови, домашниот куп и плејоф и репрезентативниот бараж пред да се подвлече линијата на 2025/26.
По „Неделата на ЕХФ“ и ждрепката за квалификациите за следното ЕП, стиснато е копчето за пауза кај репрезентацијата и клубовите одново се враќаат на сцената. Викендов требаше да гледаме едно дерби, дуелот меѓу Вардар 1961 и Охрид, но тој меч е поместен за неколку дена, затоа што ГРК Охрид во недела ќе игра 1/4 финале од ЕХФ Европски Куп.
Следниот меч за охриѓани не е каков било, тоа е дуел со грчкиот Олимпијакос и тоа на гостински терен во нивната „Илиопулис“. Салата не е со голем капацитет и навивачите се пристојно физички одделени од актерите на теренот. Охрид и Олимпијакос имаат добри односи што се рефлектираат со учеството на Грците на охридскиот турнир, но кога се работи за вакви натпревари, особено меѓу грчки и македонски екипи, линијата меѓу пријателство и непријателство станува тенка.
Двата тима брзо се договорија да играат без гостински навивачи. Паметен потег, трн во здрава нога никому не треба, иако амбиентот во салата и без гости не очекуваме да биде пријателски кон охриѓани.
Олимпијакос е клуб што ја искористи кризата што си ја креираше нивниот најголем ривал – АЕК. Имаат сосема солиден состав во кој ќе ги издвоиме голманот Диого Рема од Португалија, потоа крилата Сургиел од Полска и домашниот Цимпулас на левата страна и Хрватот Иван Вида и Италијанецот Скарамели на десната страна.
На левата бековска позиција го имаат својот најдобар стрелец, тоа е Савас Савас, а поддршката се Германецот Јулус Кун, Хрватот Иван Слишковиќ и аргентинскиот бек кој лани играше за Бриксен против Алкалоид – Томас Кањете. Десните бекови се Хрватот – Шиме Ивиќ и домашниот Папазоглу.
Центри се капитенот Кандилас и Шпанецот Алваро Морено Хименез, а пивотменската позиција е комплетно домашна и ја сочинуваат Михаилидис, Мантос и Цанаксидис.
Тренер на екипата е Италијанецот Рикардо Трилини, човекот што направи чуда со италијанската репрезентација пред германскиот шоумен, тренер, директор Боб Ханинг да му је преземе функцијата.
„Не чекаат два многу тешки натпревари со Охрид. Тоа е тим со многу голем буџет и квалитетен ростер. Мислам дека одбраната ќе игра многу голема улога и перформансот на голманот. Со помош на нашите навивачи сакаме победа што ќе ни биде доволен поттика за гостинскиот натпревар, изјави капитенот Кандилас во пресрет на овој меч.
Тоа е накратко противничката страна, очекуваме борбен меч со многу притисок од трибините, но веруваме дека Охрид може да се снајде во такво окружување и да се пласира меѓу најдобрите четири екипи во овој Куп.