Украина го скрати нападот на 35 секунди!

Photo: Marcus Bauer

Украинската ракометна федерација објави дека воведува временско ограничување на нападот. Отсега тој ќе трае 35 секунди. Правилата остануваат, пасивната игра ќе постои, но ќе постои и т.н. shoot clock. 
На ваков чекор украинската федерација се одлучи по елиминацијата од Словачка во баражот за СП. Го анализирале и претходното ЕП 2026 и пресметале дека нивните напади траат во просек 37 секунди што е над европскиот просек од 33,8 секунди. Како репери биле земени Франција чиј напад во просек траел 32,2 секунди и Данска која напаѓа по 29.9 секунди. 
Границата од 35 секунди за напад им е почетната точка околу која ќе се гради новиот систем на игра и ќе се забрза ритамот. 

Вакво ограничување на времето долго време се заговара, иако ако ги погледнете споменатите статистики на Франција и Данска излегува дека е непотребно. Сеедно, има доста репрезентации и особено голем број на клубови кои не се заинтересирани за побрз напад од повеќе причини. Главните причини, за жал се сведуваат на недобро спремни екипи, тренери кои не се надградуваат и генерално клубови кои не се спремни за промени и за кои резултатската цел ги оправдува средствата. 

Ваков проект пред десетина години беше воведен во Русија кога се обидуваа комплетно да го променат стилот на играње и да фатат приклучок со западните екипи. Траеше една сезона, не беше лошо оценет, но изгледа тогаш беше премногу рано за ваков проект. Сега, ракометот дополнително е забрзан и ќе видиме каков ќе биде ефектот кај украинските екипи и во машка и во женска конкуренција. 
 

Поврзани вести