ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – ФУКСЕ БЕРЛИН 21-51 (10-28)
Кадетската екипа на Е. Пелистер, не успеа по втор пат да се пласира на Ф4 на „ЕХФ Младински Клупски Трофеј“.
Попладнево во финалето на групата што се играше во хрватскиот град Пореч, младите битолски ракометари беа катастрофално поразени од германскиот претставник Фуксе Берлин. Конечниот резултат е обесхрабрувачки, 30 гола разлика (21-51), но реалноста е таа.
Подвлечено, нема посебно по што да жалат ракометарите на Е. Пелистер. Фуксе Берлин демонстрираше разлика во класи и резултатски можат во клубот да бидат делумно задоволно поради вчерашната победа над Алборг. Лекција вредна за учење околу вредностите и залагањето во младинскиот ракомет треба да извлече не само Е. Пелистер, туку и сите други македонски клубови.
Фуксе Берлин е друга категорија, професионализмот и сериозноста во пристапот на нивниот тим каде што на клупата е селекторот на Италија и еден од највлијателните личности во светскиот ракомет – Боб Ханинг треба да биде репер што ќе се следи.
ЕХФ Младинскиот Клупски Трофеј е натпреварување во кое настапуваат кадетските екипи на клубовите што се натпреваруваат во Лигата на шампионите. Следната година, очекуваме одново Македонија да добие покана, без разлика кој ќе биде првак и без разлика на тоа што ќе се прошири Лигата на шампионите од каде што ЕХФ ги селектира и учесниците во ова кадетско натпреварување.