Олимпијакос во архива, Целје е на дневен ред

Фото: ГРК Охрид

Екипата на ГРК Охрид се пласираше во полуфиналето на ЕХФ Европскиот Куп и испиша клупска историја, но вистинската игра во ова натпреварување, само што почна.
Следните два, се надеваме и следните четири натпревари се тие што ќе го дефинираат охридскиот клуб сезонава.
Олимпијакос беше првиот сериозен противник на охриѓани и тие успешно го решија грчкото прашање. Следен на списокот е тимот на Целје Пивоварна Лашко од Словенија.

Ова е најуспешниот клуб што се натпреварува во ЕХФ Куп, затоа што во своето резиме има и победнички пехар од Лигата на шампионите. За традицијата, квалитетот и начинот на кој што се работи во Словенија, особено во Целје не е потребно да се трошат зборови.
Целје својот рејтинг и имиџ сериозно го разниша минатата година кога во третото коло беше декласиран од норвешкиот Рунар Сандефјорд (28-41) на гости.

Годинава се поинаква приказна. Имаа многу потежок пат до полуфиналето од ГРК Охрид. До дуелот со македонскиот тим стигнаа откако ги елиминираа српската Војводина, потоа Бешикташ од Турција и последно Бузау од Романија.
Овој тим на Целје е рефлексијата на квалитетната работа и системот на вистински вредности воспоставен во Словенија. Веројатно ова е нивната врвна сезона со овој состав, затоа што за нивните играчи веќе почна лицитацијата во Бундеслигата и прашање е како ќе заврши летниот преоден рок.

Првата ѕвезда во тимот е централниот бек Андраж Макуц (23). Тој е помладиот брат на Домен Макуц, ракометарот на Барса кој во јуни оди во Кил. За Андраж Макуц се зборуваше дека е таксан за Мелзунген, но Германците ретерираа, па сега Динамо Букурешт се јавува како најсериозен кандидат.

На позицијата десен бек, покрај ветеранот Жига Млакар игра и Маи Маргуч. Тој е најмладиот брат. Повозрасни и попознати од него во моментов се Гапшер Маргуч (Веспрем) и Гал Маргуч (Слован).

Посебно внимание треба да се обрне на еден од најголемите светски таленти во моментов. Ракометарот кој е рамо до рамо со веќе светски познатите Оли Митун и Маркос Фис се вика Аљуш Анжиќ. Централен бек е, има 18 години и заедно со Маи Маргуч се е најдобрите стрелци во тимот со по 49 голови во ЕХФ Европскиот Куп.

Веднаш зад нив е левиот бек Урош Миличевиќ, тука се Жига Млакар и Тадеј Мазеј за малку искуство, а имаат и двајца странци. Тоа се украинскиот пикер Александар Онифриенко и крилото од БиХ, Лука Периќ.

Натпреварите меѓу Целје и Охрид ќе се играат на 25/26 април во Целје, а потоа на 2/3 мај во Охрид. Сѐ до финалето, ЕХФ нема посебни критериуми за салата во која ќе се играат натпреварите, па „Билјанини извори“ уште еднаш ќе биде домаќин на голем натпревар на ГРК Охрид.

Поврзани вести