Македонија во среда против светски вицепрвак

Натпреварот меѓу Македонија и Германија ќе се игра во среда со почеток во 18:00 часот во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.


Женската репрезентација на Македонија денеска го имаше својот прв собир во пресрет на двата последни натпревари од квалификациите за пласман на ЕП 2026, првото Европско првенство што ќе се организира во пет држави, а домаќини ќе бидат Турција, Романија, Словачка, Чешка и Полска.

Македонија во квалификациската група со Германија, Словенија и Белгија ќе го освои третото место, а тоа значи дека во вкупното пребројување треба да биде меѓу првите четири од вкупно шест третопласирани екипи во квалификациите. Клучно во ова пребројување е што се сметаат резултатите само од дуелите со првите две екипи во групата.
Македонија како и пет други третопласирани екипи досега нема освоено бод против екипите што ќе бидат на првите две места. Големи се изгледите така да биде и кога ќе завршат квалификациите, па во рангирањето на третопласираните ќе се смета вториот критериум, а тоа е гол-разликата.
Затоа на следните два меча, против Германија дома и против Словенија на гости ќе биде важен секој постигнат или примен гол, без разлика на крајниот исход на натпреварот.

Македонија во среда во Скопје ќе игра против светскиот вицепрвак Германија. Селекторот на германскиот тим, Маркус Гагугиш уште пред еден месец делумно ги откри плановите за нивните последни два меча. Планира да настапи со најмалку пет дебитанти, а дел од најдобрите играчи нема да бидат во тимот.

Тоа е меч со две острици, од една страна е добро што нема да ги видиме нивните најдобри играчи, но дебитантите што ќе настапат не се играчи за потценување туку освојувачи на златен медал на јуниорското Европско првенство. Без сомнеж желни за докажување во комбинација со неколку поискусни ракометарки можеби ќе бидат и поголема опасност по гол разликата отколку нивните поискусни колешки.

 

Поврзани вести