Фото: РК Еурофарм Пелистер
Летово што е пред нас, ќе биде период на поголеми реконструкции, редефинирање на стратегиите и зацртување на нови цели на тимовите, а ќе ги опфати и екипите од големата четворка.
По неколкуте најави и официјализирани трансфери на ракометари во Вардар 1961 и ГРК Охрид, на ред и актуелниот првак Еурофарм Пелистер.
Битолчани, откако потпишаа продолжување на договорите со пикерите Пешевски и Граховац, денеска ставија крај на сагата околу иднината на еден од македонските „капиталци“, репрезентативецот Мартин Серафимов.
Неговиот договор со Алкалоид завршува во јуни и тој во следните две години ќе биде ракометар на Еурофарм Пелистер.
Битолчани денеска, официјализираа со соопштение:
Нашиот клуб секогаш бил асоцијација за македонската репрезентација и во секој успех вградил многу свои членови и протагонисти. Затоа секој потпис на македонски репрезентативец многу ни значи. Денес го официјализираме како наш нов член Мартин Серафимов, десниот бек на националниот тим. Тој потпиша двегодишен договор со Еурофарм Пелистер и од сезоната 2026/27 ќе му се стави на располагање на стручниот штаб.
Серафимов во Битола доаѓа од Алкалоид, а претходно го носеше дресот на Металург. Со потписот на 26-годишниот Серафимов нашиот клуб добива квалитет и инвестиција која ќе остави трага во клубот и градот.
Мартин Серафимов како нов ракометар на Еурофарм Пелистер ќе биде официјализиран во јули оваа година, пред стартот на летните подготовки.