-
14.4.2026
-
Македонски ракомет
РК АЛКАЛОИД - РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 33-35 (22-16)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Делегати: Ацо Николовски и Марјан Огњановски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски 1, Џонов 3, Тордарсон, Маркоски, Стојковиќ 3, М. Митев 5, Велковски 1, Симоноски, Ивановски, Ненад Костески 6, Петковски, Д. Митев 7, Борзаш 2, Аларов, Николов 4
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 6 мин
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски, Хеидарирад, Манасков 7, Видомски, Ристевски 2, Хакбарт 2, Граховац 1, Хенигман 3, Радивојевиќ 1, Кузмановски 6, Абутовиќ, Калајџиоски, Петар Атанасијевиќ 1, Пешевски 2, Хосни 5, Павле Атанасијевиќ 3
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 14 мин.
Последниот натпревар од првиот круг во суперлигашкиот Плејоф беше дерби натпреварот меѓу Алкалоид и Еурофарм Пелистер, а домаќин на оваа средба беше скопскиот клуб.
Математиката на двете екипи пред овој меч беше сведена на едно – пораз не е опција. Иако има уште пет натпревари пред двата тима меѓу кои уште едно меѓусебно одмерување на силите, вечерашниот меч имаше специфична тежина.
Битолчани дојдоа без Домен Тајник, а Алкалоид на овој натпревар беше без Игор Ѓоргиев, Никола Костески, Мартин Серафимов и Валентин Карасманакис.
Натпреварот беше динамичен и израмнет од почетокот. По осум минути игра беше 5-5, екипите беа израмнети и по бројот на грешки и промашени шутеви, а публиката можеше да биде задоволна од тоа што го покажуваа играчите на теренот.
Потоа Алкалоид направи две неизнудени грешки во додавање, а тоа го искористија гостите и за прв пат во 10 минута, една екипа имаше два гола предност (7-5).
Така беше и во следните пет минути, пред Хеидарирад да одбрани и да им даде шанса на гостите да напаѓаат за плус три гола (8-11).
Битолчани почнаа да го намалуваат темпото на игра, а Алкалоид тоа го казни и намали на 10-11 притоа и промаши еден напад за нерешено пред да почне 20 минута.
Но, во 20 минута беше 11-11, а второто исклучување го запиша дефанзивецот на битолчани, Ник Хенигман.
Иван Галевски влезе во елемент на голот, Филип Николов го освежи нападот и во 21 минута Алкалоид премина во водство (12-11).
Првиот тајм аут го побара Стевче Алушовски во 25 минута, откако Галевски погоди на празна мрежа за водство од 17-14. Алкалоид веќе десетина минути беше во подобар ритам, а на битолчани им требаше да смислат нешто ново во последните пет минути.
По тајм аутот, Галевски им симна шутеви на Радивојевиќ и на Манасков, а Алкалоид отиде на големи плус шест (20-14).
Првото полувреме заврши со резултат 22-16 за Алкалоид.
Марко Митев го поведе орото во вториот дел и му донесе на двапати предност на Алкалоид од седум гола, а Галевски одбрани два пенала во првите три минути од продолжението, а сето тоа беше за водство од 25-17.
Четири пенали од четири напади имаше за Е. Пелистер на стартот на вториот дел. Искористија два и намалија на 19-25. Потоа и на 22-26 откако и Митревски симна еден зицер шут.
Во 40 минута Алкалоид водеше 27-23 и имаше напад, но промаши и битолчани одново беа вратени во игра со голот на Манасков за 24-27.
Алкалоид пропушти два чисти напади за одново да се одлепи, а тоа резултираше со лесни голови за Е. Пелистер и намалување на резултатот на 26-28 пред Кирил Лазаров да побара тајм аут во 44 минута.
Резултатот беше израмнет во 50 минута (29-29). Се смени хемијата на теренот, гостите ја средија одбраната, додека Алкалоид се обидуваше одново да се најде во ритамот од првиот дел.
Пресвртот беше комплетиран во 53 минута кога Е. Пелистер поведе со 32-31, а потоа и со 33-32. Кога во 57 минута Пелистер поведе со 34-32, победата веќе беше во рацете на гостинскиот состав.
Поврзани вести