ГРК ОХРИД – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 26-19 (12-6)
Екипата на ГРК Охрид е првиот финалист на Куп на Македонија и во недела ќе се бори за својот прв пехар од домашната Суперлига.
Во полуфиналето одиграно во попладнево во Струмица, екипата на ГРК Охрид го совлада тимот на Еуорфарм Пелистер, втор пат во последните две недели.
За разлика од мечот во Битола што заврши минимално, денеска охриѓани беа изразито подобар противник и му нанесоа еден од потешките порази на битолскиот тим на домашната сцена.
Е. Пелистер одигра во стилот од првиот дел од последното дерби во Автокоманда. Анемична беше нивната игра, а противникот тоа умешно го користеше и им дозволи само шест гола во првото полувреме. Охрид постигна двојно повеќе голови: 12.
Во вториот дел, немаше кам бек. Напротив, Охрид во еден момент стигна и до неверојатни плус 10 гола (22-12). Дури по овој резултат, битолчани почнаа да играат подобро, направија една серија од 4-0 во која намалија на шест гола разлика, но немаше комплетно враќање. Охрид има сериозен ростер, Ројевиќ умешно ги користеше своите сили и дистанцата остана.
Во последните десет минути нема ниту време за да се очекува евентуален пресврт. Е. Пелистер не беше сериозна опасност во овој дел за охриѓани кои во неделното финале ќе се сретнат со подобриот од мечот Алкалоид – Вардар 1961 што ќе се игра вечерва од 20:00 часот.