Училишно СП: Македонските кадети убедливи против Бугарија

Кадетската репрезентација на Македонија со убедлива победа од 33-18 (11-9) над Бугарија, стартуваше на Светското првенство за ученици што од денеска се одржува во Скопје.
Македонските ракометари натпреварите ќе ги играат во салата „Македонско Сонце“ во Скопје, а денеска беа доминантни во однос на своите врсници од Бугарија.
Лука Јовиќ со шест гола, Трајче Костов и Стефан Ѓоргиевски со по пет погодоци, Бобан Поповски и Тома Симоновски со четири постигнати гола ја предводеа листата на стрелци во македонскиот тим.
По три погодоци постигнаа Христијан Вујичевски и Давор Крстевски, Андреј Георгиев беше стрелец на два гола, а еден гол постигна Марко Ѓорчевски. Настапија уште и Андреј Трсунов, Петар Николовски, Мели Фехми и Гораз Дамчевски.
Македонската репрезентација утре ќе игра против репрезентацијата на Грузија која би требало да биде најсериозниот ривал на нашиот тим во битката за првото место во групата.