ЛШ: Магдебург е на пола пат до Ф4 во Келн

Photo: IHF/International Handball Federation

Актуелниот европски првак Магдебург е на чекор до пласман на нов Фајналфор. Попладнево во Сегед, екипата на Магдебург го совлада домашниот ПИК Сегед со седум гола разлика (35-28) и може да почне со подготовките за настап на најголемиот европски клупски настан.
Триото Лагергрин, Клар и Гисли Кристијансон постигна по седум погодоци во оваа важна, веројатно и решавачка победа на германскиот состав, додека Шоштариќ со девет и Мачковшек со седум гола одиграа најефикасно за домашниот состав. 

Во Лисабон се играше другото 1/4 финале, а екипата на Спортинг го пречека тимот на Алборг од Данска. На 10 минути до крајот Спортинг водеше со 29-25, но следеше серија од 4-0 на данскиот состав кој стигна до нерешено 29-29 во 56 минута. Потоа беше и 30-30, па одново Спортинг преку Кошта дојде до минимално водство, за конечно во последните секунди Јул Бустер уште еднаш да израмни за конечни 31-31. 
Франциско Кошта со 12 гола беше најдобриот стрелец за Спортинг, додека Томас Арнолдсен со осум и Мадс Хоксер со седум гола беа најдобри стрелци во данскиот состав. 

Утре се играат уште два меча. Веспрем го пречекува тимот на Берлин, а Нант ќе игра против Барса.