Еден ден откако Монпеље, Кил, Флензбург и Мелзунген ја комплетираа четворката што ќе игра на Фајналфор во Хамбург на 30/31 мај во рамките на ЕХФ Европската лига, почнува чекингот и за екипите што ќе играат на Фајналфор во Келн во Лигата на шампионите.
Три реванш 1/4 финални натпревари се на распоредот денеска и сите ќе бидат директно пренесувани на каналите на Арена Спорт. За утре ќе остане само еден меч, во кој Магдебург ќе го пречека ПИК Сегед.
Ракометната вечер почнува со мега дуелот меѓу Фуксе Берлин и Веспрем. Само еден гол предност донсеоа на „Чек поинт Чарли“, унгарските ракометари и тоа ги става во подредена улога пред Матијас Гидсел и друштвото, но се лаже секој што мисли дека Веспрем нема квалитет да победи во Берлин. Како ќе одиграат, тоа е веќе друга приказна.
Во терминот од 20:45 часот Алборг и Спортинг ќе играат во Данска. Мечот и двомечот почнува од 0-0, затоа што во Лисабон минатата недела натпреварот заврши 31-31. Алборг има предност на домашен меч, но ова е веројатно последната шанса за Спортинг да стигне до Келн, затоа што летово браќата Мартим и Кико Кошта многу веројатно ќе преминат во друга или други екипи.
Во истиот термин, клубовите што оставија траен белег во кариерата на селекторот на Македонија, Кирил Лазаров, а тоа се Барса и Нант, во Барселона ќе играат за билет за Келн. Барса има предност од два гола од првиот натпревар што се играше во Франција и вечерва ќе биде сензација ако не успее да се пласира во полуфиналето на ЛШ.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ
18:45 БЕРЛИН - ВЕСПРЕМ (ТВ Арена спорт 5 Премуим)
Прв натпревар: 34-35
20:45 АЛБОРГ - СПОРТИНГ (ТВ Арена Спорт 1)
Прв натпревар: 31-31
20:45 БАРСА - НАНТ (ТВ Арена Спорт 5 Премиум)
Прв натпревар: 32-30
Поврзани вести