Вардар сака титула уште вечерва, против Е. Пелистер

Не се избледени сосема сликите од минатогодишното славење на Е. Пелистер во „Јане Сандански“ и еуфоријата што го зафати најракометниот град потоа.
Тркалото полека се сврти и вечерва одново во „Јане Сандански“ ќе се сретнат Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер на меч што може да ја реши шампионската трка. Но, овој пат сите џокери се во рацете на Вардар. Предноста на табелата е недостижна, Вардар во пракса веќе е нов првак, но математички освојувањето на шампионската титула, може да биде заверена дури вечерва.
Вардар 1961 пред два дена одигра исцрпувачки натпревар против Монпеље, меч во кој сите ракометари беа на 100% , но тренерот на тимот, Иван Чупиќ не подготвува алиби од типот „умор“ пред вечерашниот дуел.

„Нема алиби, нема плачење. Имаме густ распоред, играме на два дена, но ако треба да играме секој ден – ќе играме. Секоја екипа која сака да освојува титули мора да има ваков распоред, а не да игра еден меч на десет дена“, изјави Чупиќ.


Шансата да се израмнат ланските сметки со најголемиот ривал е на маса. Мечот вечерва е посебен, но приказната тука ниту почнува, ниту завршува.


„Тешко е, но што е тука е. Дуелот со Пелистер е најголемото дерби. Ако ги прашаш навивачите сигурно дека ќе сакаат денеска против Пелистер на домашен терен да ја освоиме титулата, а не против Бутел или Тиквеш. Сакаме да го заавршиме првенството со десет победи по ред. Не само да победиме против Пелистер, туку сите мечеви до крај, тука е и дуелот со Охрид“, рече Иван Чупиќ.


Натпреварот почнува во 19:00 часот, ќе се игра во салата „Јане Сандански“, а билетите (одамна) се пуштени во продажба.

Поврзани вести