Најде ли Битола добитна формула? Лино Червар ќе го води Е. Пелистер

Дали Еурофарм Пелистер ја пронајде вистинската формула за враќање на рамнотежата во најракометниот град во светот? Деновиве беше актуелно како шпекулација, а сега, според наши сѐ уште официјално непотврдени информации, затворено е тренерското прашање во клубот со ангажман на Лино Червар. Очекуваме клубот да официјализира, наскоро, односно тогаш кога ќе сметаат дека треба.

Имајќи го предвид искуството од неговото работење во Металург во периодот од 2009 до 2017, ако остане на истите принципи, ракометната приказна во Битола ќе доживее (голема) трансформација. Во клубот доаѓа не само тренер, туку и стратег што размислува неколку потези понапред, што има големо знаење и стручност и што не е едноставно да се следи во своите идеи и ставови.

За Еурофарм Пелистер и Битола тој е можеби најдоброто решние во периодот кога следејќи ги социјалните медиуми се добива впечаток дека целиот град бара коренити промени во клубот. И тоа не само во делот смена на тренер, играч итн. туку друг пристап, друга стратегија.

Битола од друга страна треба да биде спремна не само за промени во клубот, туку ќе треба и „Битола“ да се смени за да биде воспоставен баланс меѓу публиката и јавноста од една страна и ракометарите, тренерот и клубот од друга страна. И да е со најдобра намера, притисокот што се создава врз играчите, тренерите, управата е премногу голем за да може сѐ да функционира нормално.
Отстрана гледано, за да излезат од кругот во кој се менуваат тренери на три месеци, во кој во понеделник си на врвот, а следниот викенд на дното, трпението ќе треба да биде поголемо, нервите подебели, желбата да се коментира помала, а вербата во тоа што се работи поголема.

Успеат ли да воспостават подобра рамнотежа, тогаш ракометната приказна може долгорочно да се промени. Затоа што, уште еднаш ќе подвлечеме од искуството од соработката со Лино Червар од времето на Металург, не само клубот, туку и целиот македонскиот ракомет долго време береше плодови од неговата работа во Автокоманда.


 

Поврзани вести