Гогов: Ова е за мене голема чест

Добрата сезона на Вардар 1961 во која добри моменти и партии имаше Васил Гогов му донесе на младиот голман покана за настап во репрезентацијата и тоа во скратениот список со што доби и статус на дебитант за репрезентацијата.

Македонија утре ќе го игра првиот бараж натпревар за пласман на мундијалот, на гости кај Словачка, во недела во Скопје е реванш натпреварот, а Гогов одбројува до моментот кога ќе истрча на терен на овој двомеч.

„Првпат сум на скратениот список на сениорската репрезентација и тоа за мене е огромна чест и задоволство. Да се биде дел од овој тим, да се тренира со најдобрите и да се добие шанса да се претставува Македонија во бараж за Светско првенство е нешто посебно. Се надевам дека ќе избориме пласман и ќе настапиме и на Светското првенство.

Овие денови работиме напорно и максимално се подготвуваме. Ја имаме фаворитската улога, но Словачка, како и секој противник, заслужува респект. Не смееме да потцениме никого. Одиме во Прешов да го дадеме максимумот и на терен да покажеме зошто сме фаворити.

Знаеме дека ја имаме најдобрата публика. Македонија живее за ракомет и веруваме дека трибините ќе бидат исполнети. Наша обврска е да возвратиме со најдобрата игра и на крајот заедно да се радуваме на нов пласман на Светско првенство“, изјави Гогов.

Поврзани вести