Македонија има позитива од седум гола разлика и меч на домашен терен со противник кој со должен респект е послаб тим од македонскиот. Во недела во Скопје ќе се игра реванш, а нѐ очекува ракометен празник кој веруваме ќе заврши со пласман на Македонија на 30. Светско првенство – Германија 2027.
Македонија можеби најголемата работа ја заврши во јануари, кога освои три бода во исклучително тешката група и обезбеди место во првиот шешир. Во единствениот бараж за пласман, на првиот славеше победа од 31-24 над Словачка. Сега на ред е последниот чекор.
Селекторот Кирил Лазаров е задоволен од својот тим, очекува уште еден добар натпревар.
„Честитки за ангажманот на играчите на овој натпревар. Не очекував волку висока победа. Кој и да е противникот, гостински терен е гостински и терен, особено кога се работи за национален тим и во оваа фаза на квалификации.
Меѓу момците владее добра атмосфера и не се сомневам дека и во недела ќе имаме добро издание. Играчите заслужија со игрите во последниот период да добијат голема поддршка од публиката во недела.
Немаме многу време, но ќе одмориме малку и професионално ќе се подготвиме за натпреварот во недела“, изјави селекторот Кирил Лазаров.