Македонските репрезентативци денеска завршија голема работа и сега можат мирно да се вратат на клупските обврски и во следните две недели да ја завршат и клупската сезона, а потоа на 10 јуни, да ја чекаат ждрепката за следното Светско првенство.
Македонија одигра два добри натпревари против Словачка, а особено вечерва во Скопје беше демонстриран вистински пристап и борба која ги исполни сите очекувања на јавноста и особено на бројната публика која беше во салата „Борис Трајковски„
„На двата бараж натпревари против Словачка, влеговме максимално и во ниту еден момент не ги потценивме. Беше договор да покажеме како треба да изгледа една права репрезентација и ниту една минута да не го потцениме противникот.
Влеговме со голем респект и како на првиот меч, така и денеска. Сакавме да бидеме вистински тим, не да се споредуваме со најдобрите, но да ни бидат пример, како да играме кога ќе се укаже една голема шанса. Франција или Данска да ни бидат пример за тоа како се гине на терен. Затоа што тие без разлика на противникот, ако се укаже шанса и при 10-15 разлика, тоа ќе го искористат и ќе казнат.
Пред се, сакам да се заблагодарам на публиката во „Борис Трајковски“, беше како што доликува, а мислам дека тоа и го заслужуваме, и покажавме дека сме повторно спорт број еден со респект за сите спортови.
Ја наполнивме салата, навистина има во нас квалитет и тоа го покажуваме на првенствата, на европските и нa светските.
Имаме ‘некоја’ цел, ќе одиме мирно, тивко кон таа цел, со напорна работа, и веруваме во тоа. Сакаме да запише оваа генерација уште една голем настан за сеќавање. Mислам дека сме на прав пат и мислам дека тие цели ќе се остварат.
Но, сакам уште еднаш да кажам, горд сум на момците, денеска бевме вистинска репрезентација, пример како треба да се бори за дресот се надевам дека денеска нашата публика и цела Македонија уживаше, изјави најдобриот стрелец на Македонија на овој бараж двомеч, Филип Кузмановски.