-
18.5.2026
-
Македонски ракомет
Македонската репрезентација ќе биде во ждрепката за Светското првенство што ќе се одржи во јануари 2027 во Германија, откако вчера го верификуваше пласманот на СП со втората победа над репрезентацијата на Словачка.
Ждрепката што ќе се одржи во Минхен на 10 јуни може да биде голема пресвртница за македонскиот ракомет. Следниот мундијал е квалификациски за Олимписките игри во Лос Аџелес. Пласман до деветтото место, најверојатно, ќе значи и пласман во квалификациите за Олимписките игри. Добра ждрепка на СП може да го направи тој пласман реален и да ги зголеми амбициите на Македонија. Лоша ждрепка, може да го направи тој пат речиси невозможен.
Во ждрепката, 32-те репрезентации ќе бидат поделени во четири шешири со по осум екипи. Од нив ќе се формираат осум групи со по четири екипи. Три екипи од секоја група ќе продолжат во Главната рунда. Вкрстуваат по принципоте А/Б, Ц/Д, Е/Ф, Г/Х.
Осумте четвртопласирани ќе играат во Президент Куп.
Македонија според ранкингот на државите, ќе биде во вториот шешир.
Домаќинот на СП имаше право во секоја група да одреди домаќин. Германија која е во првиот шешир, тоа го искористи и за да смести географски блиску земји/домаќини и да привлече повеќе странски навивачи. Но, го искористи и за да ги оддалечи, тактички, силните репрезентации и да ги натера да играат меѓусебе во Прелиминарната и во Главната рунда.
Од ова логички се наметнува заклучок, дека најдобро за Македонија е да биде во група со Германија.
Тоа е групата „А“ што ќе се игра во Минхен.
Понатаму, Германија одреди две екипи од вториот шешир да играат во Штутгарт. Нивната замисла дека на СП ќе се пласира Швајцарија не се оствари, па така Италија ќе игра во групата „Б“ со која вкрстува Германија.
Франција исто така од вториот шешир ќе игра во група во Штутгарт. Тоа е групата „Д“.
Тоа се двете групи што ќе играат во Штутгарт, а бидејќи и Македонија е во вториот шешир, градот Штутгарт и групите Б и Д, за македонскиот тим нема да бидат во достапни во ждрепката.
Уште повеќе за овие две групи се знае и дека од првиот шешир ќе ги добијат Египет или Аргентина. Другите носители од прв шешир се распределени по другите групи.
Екипите што ќе играат во групите во Минхен и Штутгарт (А-Д) во Главната рунда ќе играат во Келн.
Екипите што ќе играат во групите во Кил и Махдебург (Е-Х) во Главната рунда ќе играат во Хановер.
Вака изгледа моменталната распределба на местата:
ГРУПА А – МИНХЕН
Германија (прв шешир)
ГРУПА Б – ШТУТГАРТ
Италија (втор шешир)
Египет/Аргентина (прв шешир)
ГРУПА Ц – МИНХЕН
Хрватска (прв шешир)
ГРУПА Д – ШТУТГАРТ
Франција (втор шешир)
Египет/Аргентина (прв шешир)
ГРУПА Е – КИЛ
Шведска (прв шешир)
ГРУПА Ф – МАГДЕБУРГ
Португалија (прв шешир)
ГРУПА Г – КИЛ
Данска (прв шешир)
ГРУПА Х – МАГДЕБУРГ
Исланд (прв шешир)
НОСИТЕЛИ ВО ЖДРЕПКАТА
ПРВ ШЕШИР: Германија, Египет, Аргентина, Хрватска, Шведска, Португалија, Данска, Исланд
ВТОР ШЕШИР: Македонија, Србија, Ф. Острови, Италија, Франција, Шпанија, Словенија, Норвешка
ТРЕТ ШЕШИР: Грција, Полска, Бразил, Бахреин, Тунис, САД, Капе Верде, Чиле
ЧЕТВРТ ШЕШИР: Катар, Алжир, Ангола, Јапонија, Кувајт, Уругвај, Вајлд карта 1, Вајлд карта 2
Поврзани вести