Потпишан договорот за формирање Регионални лиги

Ракометната федерација на Македонија информираше дека денеска во Подгорица е потпишан договорот за формирање на регионални лиги во машка и женска конкуренција. Договорот го потпишаа ракометните федерации на Црна Гора, Србија и Македонија, потврдувајќи ја заедничката определба кон зајакнување на квалитетот на натпреварувањето, развојот на играчите и унапредување на севкупниот ракометен амбиент во регионот.

Регионалната машка лига ќе брои десет клубови — по четири од Србија и Македонија, како и два од Црна Гора — додека регионалната женска лига ќе има десет клубови од пет земји од регионот: Црна Гора, Србија, Македонија, Хрватска и Словенија, со по два претставници од секоја држава.

Овој проект претставува важен чекор кон создавање поквалитетен и поконкурентен натпреварувачки систем, кој на клубовите ќе им овозможи поголем број силни натпревари, дополнителен развој на младите играчи и тренери, поголема медиумска видливост, како и посилен комерцијален потенцијал за ракометот во целиот регион.

Посебна вредност на овој проект му дава фактот што станува збор за заедничка иницијатива на федерациите и клубовите, заснована на партнерски однос, меѓусебна доверба и заедничка визија за развој на ракометот во Југоисточна Европа.

Потписниците на Договорот изразија уверување дека регионалните лиги уште од првите сезони ќе донесат нов квалитет, дополнителна атрактивност за навивачите и спонзорите, но и ќе претставуваат силен поттик за понатамошен развој на ракометот во сите земји учеснички.
Во наредниот период ќе биде формирана заедничка канцеларија на лигите, ќе бидат дефинирани сите натпреварувачки и организациски модели, како и календарот за почеток на натпреварувањата.
Денешниот ден претставува почеток на едно ново и амбициозно поглавје во регионалниот ракомет, со јасна цел — создавање модерно, стабилно и квалитетно регионално натпреварување кое ќе биде гордост за сите учесници и за целиот европски ракомет.

Поврзани вести