РНЛ го задржа Трастарсон

Photo: Rhein Neckar Loewen

Исландскиот репрезентативен бек, Хаукур Трастарсон и Рајн Некар Ловен се договорија за продолжување на соработката и во следните две сезони, па така тој ќе остане во клубот најмалку до 2028 година.
Трастарсон своевремено беше најголемата кадетска ѕвезда во Европа, настапи и на СП 2019 во Македонија заедно со други ракометари кои подоцна добија статус на ѕвезди како Симон Питлик, Јулијан Костер, Ахмед Хешам или Хасан Кадах на пример.
Но, место метеорски успех, кариерата на Трастарсон беше често пресекувана со повреди. Веднаш по мундијалот во Македонија потпиша за Келце каде што остана четири години, па една сезона се обиде и во Динамо Букурешт за во 2025 да стигне во Рајн Некар Ловен.
Сезонава е најдобрата во неговата кариера. Во моментов е петти стрелец во Бундеслигата со 190 голови и убедливо прв на листата на асистенти со 177 асистенции. Немаше проблем со повреди и полека ја враќа својата репутација. РНЛ го препозна моментот и му понуди нов двегодишен договор, официјализиран денеска.

Поврзани вести