Ќе добие ли ГРК Охрид вајлд карта за Европската лига

Екипата на ГРК Охрид побара од ЕХФ надградба за следната сезона и место да го брани трофејот освоен во ЕХФ Куп, побара да игра во ЕХФ Европската лига.
Откако Вардар 1961 доби вајлд карта за Лигата на шампионите, таму по автоматизам е надграден вицепрвакот Е. Пелистер, но реални се шансите Македонија да има и втор клуб во ова натпреварување.

ЕХФ Европската лига е модифицирана во однос на минатата сезона. Укинати се квалификациите што на пример беа кобни за Алкалоид минатата година и ќе се игра во нов формат. Вкупно 32 екипи ќе го почнат натпреварувањето и ќе бидат поделени во осум групи со четири тима. Двете подобропласирани од секоја група одат во Плејоф, каде што во нокаут фаза ќе им се приклучат 12 екипи што ќе испаднат од Групната фаза на Лигата на шампионите.
Вкупно 14 победници одат во нова рунда елиминации, а и таму ќе им се приклучат уште две екипи што ќе испаднат од Главната рунда на Лигата на шампионите. Потоа елиминациите продолжуваат до Фајналфор.

Дали ќе добие ГРК Охрид шанса да игра во Европската лига?

Неофицијално во игра се најмалку две вајлд карти. ГРК Охрид има добра позиција на новопромовираниот клупски рејтинг на ЕХФ. Тој директно не одлучува за приемот, но може да одигра улога.
Во меѓувреме, Охрид почна со реновирање на салата за да исполни критериуми што се потребни за играње во Европската лига. Таму има повисок стандард отколку во ЕХФ Куп. Затоа работат охриѓани летово, нарачани им и се семафори итн.

Што ќе се случи ќе дознаеме (најверојатно) во вторник. За тогаш е најавено дека ЕХФ ќе ги соопшти учесниците во ЕХФ Европската лига и ЕХФ Европскиот Куп.

Поврзани вести