-
15.7.2026
-
Македонски ракомет
Европската сезона што е пред нас, почна да ги добива своите контури, а сликата ќе биде заокружена по ждрепката за ЕХФ Европската лига што ќе се одржи по два дена.
Ждрепка чекаа и македонските претставници во ЕХФ Куп што се директно пласирани во второто коло, а тоа се Алкалоид, Охрид и Бутел Скопје, ама не ја дочекаа. Со доза на аматеризам и непочитување, ЕХФ не се потруди да најави/објави во своите содржини кога ќе биде организирана. Но, ако погледнете по документите ќе најдете два датума, а тоа се 14 јули и 22 септември.
Ако тоа се покаже точно, за околу два месеца ни е ускратено задоволството да анализираме и ги следиме можните противници на трите наши екипи од кои две се последните два освојувачи на шампионскиот пехар.
Тренерот на ГРК Охрид, Борис Ројевиќ, минатата сезона во најмалку два наврата потенцираше дека ланскиот ЕХФ Куп е најсилниот досега. Со таа констатација, секако, нема да се согласиме, но може да биде вовед во мала споредба за претстојната сезона.
Новата сезона можеби нема да биде најсилната, но ќе биде најмасовната затоа што сега се пријавени 83 екипи, за разлика од ланските 74, претходно 76, 73...
Што се однесува, пак, до квалитетот, на прв поглед откако вајлд карти за другите купови добија екипите на Целје Пивоварна, Татабања, Партизан, Извиѓач, екипи што беа меѓу најзвучните во натпреварувањето се доби впечаток дека ЕХФ Куп годинава ќе биде сериозно ослабен на сметка на Европската лига и Лигата на шампионите.
Но, дали ќе биде така?
Екипата на Целје Пивоварна, ланскиот полуфиналист нема да игра, но има дури три словенечки екипи следната сезона. Тоа се Тримо Требње, Горење Велење и Словењ Градец.
Во ЕХФ Куп се враќа АЕК и играњето во нивната мала сала нема да биде пријатно искуство за ниту една екипа. Покрај нив, Олимпијакос, ПАОК, Драма и Јоникос ја заокружуваат грчката петорка.
Војводина го менува Партизан, од кај северниот ни сосед доаѓаат уште и Дубочица и Динамо Панчево.
Заинтересираноста во Унгарија не беше голема и од таму ќе го видиме ПЛЕР, но сезонава во ЕХФ Куп се појавуваат и екипи од Полска па ќе ги видиме Островија предводени од екс тренерот на ЖРК Вардар, Ким Расмуесн и екипата на Калиш која пак е предводена од Рафал Куптел, тренер што двапати беше прогласуван за тренер на сезоната во Полска во конкуренција на Талант и Сабате.
Романците сезонава ги испраќаат Темишвар и Турда, од Турција доаѓаат засилениот Бешикташ, Спор Тото и Бурса Нилуфер, а повратник во ова натпреварување е Винтертур од Швајцарија.
Норвешка ќе биде претставена од Рунар и Нербо, но непријатно силна конкуренцијата за сите екипи ја прават македонските Алкалоид и ГРК Охрид.
Кога ќе подвлечеме линија, во ЕХФ Европскиот Куп следната сезона ќе играат пет екипи што го освоиле купот во последните шест години (Охрид, Алкалоид, Војводина, АЕК и Нербо) и не би рекле дека натпреварувањето изгубило на квалитет. Напротив.
Поврзани вести