Пораз и 20 место на јуниорите на М20 ЕП

Македонската јуниорска репрезентација со пораз (30-34) во мечот за 19 место го заврши настапот на М20 ЕХФ Еуро што се одржува во Романија.
На последниот меч, македонските ракометари играа со селекцијата на Србија, на меч на кој М20 го одиграа своето најслабо полувреме на првенството.
Средбата беше решена во првиот дел. По првите 13 минути противничката екипа веќе имаше постигнато двојно повеќе голови (10-5), а во продолжение македонските ракометари влегуваа од грешка во грешка, па така, десет минути подоцна беше 10-18, а уште во првиот дел противниците можеа и двоцифрено да поведат затоа што во 27 минута беше 19-10. На полувреме, резултатот беше 12-20.

Не беше многу ветувачки ниту стартот на вториот дел, но Македонија полека почна да ја топи големата негатива. Мартин Крстевски, еден од најталентираните македонски ракометари од оваа генерација ја имаше улогата на диригент во екипата. Со својот 10 гол ја доведе Македонија на минус од само три гола (26-29), а имавме и топка во посед. Но, не погодивме во следните два напади и резултатското враќање беше запрено, а Србија поведе со 30-26 и 31-27 и тука натпреварот одново беше решен.
Мартин Крстевски постигна 11 гола на овој меч и бепе најдобриот стрелец, а беше следен од Гурмешевиќ кој постигна седум гола. 

За македонските јуниори ова првенство беше тактичка подготовка за настапот на Светското првенство што следното лето ќе се игра во Македонија.

Следни на сцената се кадетите, а кај нив ќе има резултатска цел. Тие не смеат да го повторат овој резултат на јуниорите затоа што тоа може да значи и испаѓање од елитата и враќање во ЕХФ Шампионатот место на ЕХФ Еуро.