Колку места ќе има Македонија во Европа следната сезона?

Европската ракометна федерација ја верификуваше ранг листата според која ќе бидат доделени местата во Европските купови за сезоната 2027/28. Македонија напредуваше на овој список и се врати на позицијата што ја имаше пред две сезони, односно во сезоната 2025/2026. Тоа значи дека добива две места во ЕХФ Европската лига (минатата сезона имаше едно место) и две места во ЕХФ Европскиот Куп.

ЕХФ ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Македонија е на 11 место на ранг листата. Првите 10 места добиваат директно место во Лигата на шампионите, но и право да аплицираат за уште едно место.
Колку од нив ќе аплицираат за второ место ќе видиме, но од тие 10, максимум осум држави можат да добијат уште едно место во ЛШ.

Првакот на Македонија за да игра во ЛШ ќе мора да бара од ЕХФ надградба (upgrade/wild card) од ЕХФ Европската лига. Конкуренција ќе му бидат сите федерации што немаат директно место во ЛШ. Такви места ќе има максимум четири.
За тие четири места, извесно, меѓудругите ќе конкурираат и прваците на Словенија, Србија, Шведска, Швајцарија, Исланд...
Секоја друга вајлд карта е предмет на посебна одлука на ЕХФ, а потенцијално можат да бидат вклучени и неевропски екипи. Не ја исклучуваме можноста и за Белорусија и Русија, иако нивно потенцијално враќање директно во ЛШ е малку веројатно.

ЕХФ ЕВРОПСКА ЛИГА

Вкупно 36 екипи од 18 федерации добиваат место во Европската лига (ЕЛ). Потенцијални осум надградби од Европска Лига во ЛШ имаат првите 10 на ранг листата што значи дека најмалку осум места се ослободуваат за пополнување од екипи што ќе бараат префрлање во повисок ранг.
Потенцијално уште четири екипи што немаат директно место во ЛШ ќе ослободат уште четири места.
Подвлечено е дека Германија и Франција ќе имаат четири места, Португалија, Данска и Шведска по три.

Следува моментот што ги засега македонските клубови, а ЕХФ го нема објаснето во моментов.
Ако првакот на Македонија добие место од ЕЛ во ЛШ, дали по автоматизам Македонија задржува право и натаму да има две места во ЕЛ?
Тоа би значело дека и третопласираниот тим од Суперлигата ќе игра во ЕЛ.
Така би сакале да биде, но дали ќе биде не е објавено/објаснето/потврдено.
Последен пат, во сезоната кога беше исто вака и Македонија имаше две места во ЕЛ, Алкалоид аплицираше за таква надградба и доби место, но во квалификациите за ЕЛ. Од претстојната сезона, пак, квалификации веќе нема да има и сите места директно се доделуваат.

Префрлање од третиот во вториот Куп исто така ќе има. Дваесет федерации имаат право да бараат надградба од ЕХФ Куп во Европската лига. Според ранг листата Македонија иако има најмногу бодови, не е меѓу нив.
Што се однесува до ЕХФ Европскиот Куп, таму Македонија има две загарантирани места, од кои чекаме едното да оди во Европска лига. Но, пријавувањето во ова натпреварување практично е отворен процес, па можеме да очекуваме како и сезонава плус уште две екипи да добијат дозвола за играње.

Резимирано, очекуваме и следното лето да биде како сегашното и со стиснати палци да се чека финалната одлука на ЕХФ. И за вајлд карта за ЛШ и покрај неа две места во ЕЛ.

Веруваме дека Македонија ќе има едно место во ЛШ и две во ЕЛ, шансите за тоа не се мали, но тоа не може да се потврди во моментов затоа што има многу варијабли.
Почнувајќи од можните осум вајлд карти за првите 10 екипи во ЛШ. Меѓу тие 10 се и Шпанија, Хрватска, Романија и Норвешка за кои прашање е дали ќе добијат втора екипа во ЛШ.
Тоа директно ќе влијае и на доделувањето на другите вајлд карти и ќе го измести малку и системот во Европската лига, ќе влијае и на ЕХФ Европскиот Куп.