Фото: Филип Вирановски / РК Алкалоид
Алкалоид веќе одработи еден тренинг и мина една ноќ во Австрија пред вечерашниот реванш, во кој ќе игра за потврда на пласманот во третото коло од ЕХФ Европскиот куп.
Натпреварот ќе се игра во салата „Ферлах“, која би требало вечерва да биде полна. Тоа, впрочем, беше и најголемиот мотив за домашниот тим да не прифати двата натпревара да се играат во Скопје. Ферлах доби атрактивен противник и сака пред полна домашна сала да одигра добар натпревар. Мечот веројатно ќе биде проштален од ЕХФ Купот за австрискиот тим, бидејќи Алкалоид со себе донесе предност од девет гола.
Тренерот Кирил Лазаров ќе го игра реваншот во Ферлах со само една измена во однос на составот со кој минатата сабота славеше победа од девет гола разлика.
Валентин Карасманакис се враќа во тимот и вечерва ќе има шанса да се „проба“ против австрискиот ривал. Марко Стојковиќ нема да биде во составот, а исто како и минатата недела, поради повреди ќе отсуствуваат Вуко Борозан, Ненад Костески и Иван Џонов.
Натпреварот ќе почне во 19:00 часот. Вкупниот победник ќе се пласира во третото коло, меѓу 32 најдобри екипи, а веќе во вторник ќе го дознае својот следен противник.