Тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров следната сезона ќе има двајца Словенци во екипата. Пикерот Матиц Сухолежник и десниот бек Нејц Цехте, ракометар кој е добро познат на македонската јавност.
Нејц Цехте се докажа како добар играч во два правца, а тоа е нешто што на Лазаров му е потребно во екипата за да може да го спроведува својот концепт со брза транзиција. Минатата сезона ја финишираше во редовите на Фуксе Берлин каде што на позицијата десен бек го менуваше најдобриот играч на светот, Матијас Гидсел. Стигнаа до финалето на Лигата на шампионите, но таму Барса беше преголем залак за нив.
Во летното реконструирање на екипите, Цехте се врати во Македонија, но овој пат ќе игра во сино-бело, во Автокоманда.
Нејц Цехте (33) е десен бек кој минатата сезона ја заврши кај финалистот на Лигата на шампионите, екипата на Фуксе Берлин од Германија. Претходно има настапувано и за екипите на Кршко и Горење Велење, за германскиот Хановер, данската екипа ГОГ и за РК Еурофарм Пелистер.
„Пристигнав пред неколку дена и ги минав лекарските прегледи. Почнуваме со тренинзи, со нови играчи и се радувам на предизвикот наречен Алкалоид. Се враќам во Македонија, доаѓам од Берлин, со кого го загубивме финалето во Лигата на шампионите, но таков е ракометот. Од спортски аспект беше супер да се игра во Бундеслигата.
Сега мој предизвик е Алкалоид, очекувањата секогаш се високи. Македонската лига е силна, има четири добри екипи, тука се и останатите против кои мора да играш максимално. Нашата екипа е подготвена да се надигрува, се надевам на сезона без повреди и да ги оствариме целите. Ќе бидеме дел и од Европа, таму играме елиминациска фаза, ја чекаме ждрепката, па ќе може повеќе да зборуваме за тоа“, изјави Нејц Цехте.