Конференцијата на клубовите ќе се одржи во понеделник во Ракометната федерација на Македонија и меѓудругото ќе треба да ги дискутира и усвои предлог пропозициите за следната натпреварувачка сезона. Ракометната федерација вметна неколку новини во пропозициите што се објавени на официјалната веб страница.
Состаноците ќе се одржат во следните термини: Супер машка ракометна лига со почеток во 11:00 ч. -прва машка ракометна лига со почеток во 12:00 ч. Супер женска ракометна лига со почеток во 13:00 ч. Прва женска ракометна лига со почеток во 14:00 ч.
Една од поинтересните новини што се предлагаат се однесува на бараж натпреварите:
Право на настап во бараж натпреварот имаат сите уредно пријавени ракометари на почеток на сезоната, ракометари кои се уредно пријавени пред почеток на пролетниот дел од сезоната и ракометари кои имаат одиграно минимум 10 натпревари за клубот до бараж натпреварот (се однесува само на клуб кој игра бараж).
Целта на наведената промена е јасна, а таа е да се избегне екипа што игра бараж да донесе странско засилување во мечот за опстанок каков што беше случајот годинава, кога екипата на Младост за дуелот со Струга се засили со двајца ракометари.
Но, дали е ова половично решение? Другите екипи, вклучително со Плејоф тимовите и следната сезона ќе можат да донесат странски засилувања кога сакаат.
Друго дополнување на пропозиите ќе биде предложено во делот на пополнување на Суперлигата доколку има откази во текот на сезоната.
Во случај две или повеќе екипи се откажат од настап во регуларниот дел од првенството или плеј оф/аут, нивното место за следната натпреварувачка сезона го заземаат првите две или повеќе екипи од првата ракометна лига (согласно ранкинг).
Комплетно е регулирано и присуството на медицинско лице за време натпреварите со посебен член.
Домаќинот е должен да обезбеди лекар. Секој лекар треба да има лиценца и да биде присутен 60 минути пред почеток на натпреварот. Доколку на натпреварот воопшто нема лекар, натпреварот не се игра, а клубот домаќин ќе биде казнет согласно Дисциплински Правилник.
Натпреварот ќе се одигра дополнително со одлука на Натпреварувачката Комисија во рок од три дена, а клубот домаќин ќе ги сноси трошоците на гостинската екипа и на службените лица, а висината на трошоците ја одредува Натпреварувачката комисија.
За последните три кола од првенството домаќинот кој нема да обезбеди лекар во закажаниот термин (лекарот не се чека) покрај горе наведената казна натпреварот ќе се регистрира со службен резулатат 10:0 за противничката екипа и сениорската екипа се префрла во најнизок ранг на натпреварување.