Новиот ракометен клуб, РК Илинден го назначи Дарко Јанев за прв тренер на екипата која претстојната сезона ќе ја почне својата приказна. Дарко Јанев има настапувано за неколку македонски екипи, а тренерско искуство собираше во Бутел Скопје и како асистент во женската репрезентација.
Негов асистент ќе биде уште едно познато ракометно име, Дејан Пецаковски поранешен играч на Металург, Пелистер, Вардар...
Новоформираниот клуб информираше за своето деби и потенцираше дека зад овој проект стојат повеќе ракометари чии имиња се препознатливи во македонскиот ракомет.
Со голем ентузијазам ве известуваме дека официјално е формиран Ракометниот клуб Илинден! Клуб создаден со јасна визија, силна мисија и искрена посветеност кон развојот на младите ракометари во општина Илинден.
Нашата цел е да создадеме средина во која младите таленти ќе имаат можност да се развиваат, да се афирмираат и да изградат успешна сениорска кариера.
Уште во својата прва сезона, РК Илинден ќе се натпреварува во Првата македонска ракометна лига, а паралелно ќе формира и младинска екипа која ќе се натпреварува во Младинската лига на Ракометната федерација на Македонија.
Зад овој проект стојат докажани имиња во македонскиот ракомет: Гоце Георгиевски, Жарко Пешевски, Давид Савревски, Марио Танковски и големиот вљубеник во ракометот Дарко Ѓорѓевиќ, обединети со заедничка визија да изградат клуб кој ќе биде вистински дом за идните генерации ракометари.
Упатуваме искрена благодарност до Општина Илинден и градоначалникот Александар Георгиевски, кои ја препознаа оваа визија и ја дадоа својата поддршка за создавање клуб што ќе инвестира во иднината на младите и во развојот на спортот во нашата општина.
Заврши летниот одмор и за екипата на Мулти Есенс. Младиот тим од Автокоманда, составен претежно од младински и кадетски репрезентативци на Македонија следната сезона ќе игра во Суперлигата, откако минатата сезона доминантно го освои првото место во Првата лига.
Екипата на Мулти Есен со тренинзи почна денеска, а во новата сезона влегува со нов стручен тим.
Познат македонски тренер, Никола Матлиески, ќе ја има улогата на прв тренер на екипата, а досегашниот ракометар на РК Алкалоид, Никола Маркоски ќе биде неговиот асистент. Уште едно познато име доаѓа во Автокоманда. Во улога на тренер на голманите на РК Мулти Есенс е ангажиран поранешниот македонски репрезентативец Златко Даскалоски.