Заврши М18 ЕП, приказната дури сега почнува

Заврши М18 ЕХФ Еуро, последниот голем настан пред почетокот на новата ракометна сезона. Германија е шампион, сребро освои Словенија, репрезентацијата на Данска го освои третото место.
Репрезентациите на Чешка, Италија, Црна Гора и Турција испаѓаат од најсилната конкуренција и ќе се преселат во ЕХФ Шампионатите.
Репрезентациите на Романија, Литванија и Грција се новите членови на ЕХФ Еуро.

Македонија го освои деветтото место. Пласман со кој ракометната Македонија може да биде задоволна. Обезбедено е учество на следниот мундијал и учество на следното М20 ЕХФ Еуро.

Најдобриот стрелец, втор пат по ред на М18 доаѓа од Израел, веднаш зад него е ракометар на Ф. Острови. Во ол стар тимот има тројца Германци, тројца Словенци, по еден играч од Данска, Шпанија и Исланд.

Со ова се заокружени главните поенти од М18, но приказната за овие играчи тука не завршува.
Напротив, ова е почетокот на нивната приказна.

Следува најважниот период во кариерата на младите играчи, а во тој период тие треба да се прекомандуваат во јуниори и оттаму во сениорската репрезентација.
Тоа е критичниот период за ракометарите во македонскиот тим. 

Што ќе биде сега? Најмалку петнаесетина пати последните 20-25 години имаме пишувано текст со слична, речиси истата содржина. Во Македонија ове е критичниот период во кој ги губиме најголемиот дел од потенцијалите. Сега доаѓа времето во кое овие ракометари треба да го заземат своето место меѓу сениорите на клупската сцена и да продолжат да созреваат, растат и напредуваат.

Тоа е процес кој не е дизајниран според нивните потреби. Клубовите во Македонија не се ориентирани развојно, тие се ориентирани резултатски. Дури и екпите што не се во првата четворка, не се спремни да ги истрпат, да ризикуваат резултатите на сметка на создавање на сопствен производ со подобар квалитет. Се потпираат на повозрасни и етаблирани ракометари и странски засилувања за ги исполнат своите цели. Така се дизајнирани екипите, така е дизајниран нивниот тренажен процес, така е дизајнирана и нивната игра. Тоа е нивниот избор, не можеме да го критикуваме, затоа што секој има право да работи така како што ќе одбере.

Најмногу надежи вложуваме во Алкалоид и Мулти Есенс сега со Никола Матлиески на клупата, заедно со нив се Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2 со Бранко Ангеловски на клупата, а следната сезона очекувањата се зголемија и од Бутел Скопје во проектот што ќе го води Столе Стоилов.

Вложуваме надежи, не очекуваме чуда преку ноќ. Тој процес не трае една сезона, станува збор за неколку години во кои талентираните ракометари кои ги видоме последниве два месеца, ќе треба да пораснат во добри ракометари. Материјал за работа во момците што играа летово на М18 и М20 и што следното лето ќе играат на СП У19 и СП У21 има.

Уште еднаш ќе направиме паралела со ракометарите што во 2019 година како голобради момчиња играа на У19 СП во Скопје. Тогаш во нашите сали ги видовме Симон Питлик, Мартим Кошта, Јулијан Костер, Косуке Јасухира, Хасан Кадах, Ахмед Хешам и ред други. Летово дел од овие играчи го преуредија трансфер пазарот, стигнаа дури и до милионски суми. Не се сомневаме дека по пет години нешто слично ќе направат и Подвршиќ, Илц, Ерчуљ, Сола, Елце, Бак, Кнакстед, Халгримсон, Ејсенд или Пелах. Тие се на ол стар списокот од М18, но сигурно ќе слушнеме уште и за најмладиот Скипаготу, џиновските Французи (Сиве, Жосефа и Флие) или Португалецот Соуса.

Македонските ракометари? Најмалку петнаесетина пати во последните 20-25 години го пишуваме истиов текст. Не очекуваме чуда, но се надеваме дека еден ден ќе видиме на трансфер пазарот како нивната цена пораснала.
Дотогаш, ќе се восхитуваме како Словенија успева секоја година да испрати нови играчи кон Сегед, Келце или Барса, ќе зборуваме каков перфектен систем има Данска, порано или покасно ќе одбележиме како некој од овие М18 или М20 дошле во Македонија како засилувања.
И така, до следното лето, кога одново ќе седнеме пред тастатурата да го напишеме истиов текст.