Актуелно

Македонија, Србија и Словенија, зедно по ЕП 2034!

Идејата за која што одамна информиравме и која минативе неколку месеци се разгледуваше и договараше, за можноста ракометните федерации на Македонија, Словенија и Србија заеднички да аплицираат за организација на Европското првенство во машка конкуренција во 2034 година се реализирираше и трите федерации официјално поднесоа кандидатура за организација на ова Европско првенство.

Претседателите на трите ракометни федерации се обратија до јавноста и ја потврдија одлуката да соработуваат во организцијата на овој голем проект.

„За мене претставува особена чест и задоволство што Ракометната федерација на Македонија прави уште еден значаен чекор напред и што, заедно со ракометните федерации на Србија и Словенија, учествува во заедничката кандидатура за организација на машкото ЕХФ ЕУРО 2034.
Верувам дека сите три федерации, со своето богато искуство, капацитети и ракометна традиција, ги имаат сите предуслови да одговорат на барањата и стандардите на Европската ракометна федерација и успешно да организираат Европско првенство на највисоко ниво.
Македонија е ракометна земја. Ракометот со децении е длабоко вткаен во нашата спортска традиција и историја, создавајќи генерации успешни ракометари и ракометарки. Со својата популарност, како и со резултатите остварени на европско и светско ниво, слободно можам да кажам дека ракометот е спорт број еден во Македонија и дека тоа и останува.
За нас оваа кандидатура е можност за уште еден голем исчекор и потврда дека Македонија има капацитет да биде дел од организацијата на најголемите европски ракометни настани.
Се надеваме дека нашата заедничка кандидатура ќе ја добие довербата и дека во 2034 година, заедно со Србија и Словенија, ќе бидеме успешни домаќини на ЕХФ ЕУРО.“, изјави Александар Стефанов, претседател на Ракометната федерација на Македонија.