Се крева завесата во ракометна Битола. Денеска со почеток од 18:00 часот реновираниот тим на Еурофарм Пелистер го пречекува реновираниот тим на Партизан во меч од првото коло на новоформираната Регионална лига.
Партизан во Битола ќе ги одигра првите натпревари во новата сезона, па затоа може само да се претпоставува како ќе изгледа и како ќе игра екипата предводена од Раул Гонзалез. Многу нови играчи стигнаа во Белград летово, постојано ги издвојуваме нивните најзвучни засилувања а тоа се Милош Кос и Владислав Кулеш кои нема да ги видиме во Битола, иако опцијата Кулеш да игра е отворена. Таму дојде горостасниот пикер Тобијас Вагнер, добро познатиот дефанзивец Илија Абутовиќ, голманот Бекир Чордалија итн. Со големи амбиции го чекаат стартот на Лигата на шампионите во која се враќаат по повеќе од една деценија, иако ждрепката од натпреварувачки аспект не им беше наклонета, па ќе играат во група со Веспрем, Берлин и Порто. Но, од медија-маректиншки аспект, тоа е одлична група.
Битола, а и цела македонска ракометна јавност од друга страна е нестрплива да го види Лино Червар на клупата на Е. Пелистер и новиот тим составен по негови инструкции. Иако дојдоа многу нови имиња, во најголем дел млади и неафирмирани, во Битола остана костурот од ланската екипа и ќе погреши секој што ќе ги потцени. Тука се и натаму Митревски и Хеидарирад, Пешевски и Граховац, Петар и Павле Атанасијевиќ, Кузмановски и Хенигман, потоа Серафимов и Видомски...
Сцената е наместена за големи натпревари во Битола, вечерашниот меч ќе покаже многу, но и ќе сокрие многу познавајќи ги методите на Лино Червар.
Натпреварот почнува во 18:00 часот, а ќе може да се следи на јутјуб каналот на Регионалната лига.
ЛИНК - ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР - ПАРТИЗАН - РЕГИОНАЛНА ЛИГА